| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија ќе добие Универзитет за национална безбедност

Владата планира да отвори Универзитет за национална безбедност, најави денеска премиерот Никола Груевски.

Во состав на Универзитетот ќе влезе Воената академија, но и некои други факултети и институти.

– Откако пред неколку години ја возобновивме Воената академија и на неа започнаа да работат повеќе студии кои продуцираат квалитетни кадри, сега се размислува да се формира универзитет за национална безбедност кој ќе биде составен од Воената академија, но ќе има и други факултети и институти – изјави премиерот.

Тој посочи дека на последната седница на Владата биле донесени повеќе заклучоци во правец на основање на универзитетот за национална безбедност, а како што додаде експертите во Министерството за одбрана и во Воената академија подолг период работат на елаборат за таа намена.

– Со дополнителните заклучоци што ги даде Владата ќе им се даде дополнителна насока и правец да го продолжат и засилат своето работење во тој правец и штом ќе бидат готови документите треба да поминат на соодветни тела согласно законот, а потоа да дојдат и пред Владата и Парламентот за да се формира универзитет за национална безбедност – потенцира Груевски.

Според Премиерот формирањето на ваков универзитет ќе значи нов квалитет во зацврстувањето на националната безбедност, одбраната и се што е поврзано со тоа во земјава.  

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top