Шампионот МЗТ Скопје останува единствениот непоразен тим по 4. рунда во Суперлигата, откако го доби вечното дерби на македонската кошарка, против Работнички со 86 – 74.
Ѓорѓи Чековски и подобриот скок под обрачите беа клучните фактори за триумфот на аеродромци, на гостински терен во Градскиот Парк во Скопје. На крајот триумфот на шампионот беше и со двоцифрена разлика, иако во текот на целиот меч се водеше голема битка.
МЗТ Скопје имаше 8 поени предност по првото полувреме, но со одлична игра на бековите на Работнички, домаќините стасаа до егал резултат по три четвртини, 62-62. Чековски се разигра во последните 10 минути и со 22 поени беше најефикасен на натпреварот. Дамјан Стојановски додаде 18 поени, а Тодор Гечевски го заврши првото дерби меѓу дват скопски тима во Суперлигата со 15 поени. Скокот пресуди, а гостите имаа 44, наспротив скромните 21 на Работнички.
Кај поразениот тим Американецот Абукар беше најпрецизен со 15 поени, а триото Јелесиевиќ, Петровски и Голдваер забележаа по 13 поени. За работнички тоа беше прв пораз во Суперлигата.
Првата победа ја забележа Лирија, откако на свој терен го победи Куманово со 85-78, а Фени во драматичен финиш го надигра Кожув во Кавадарци со 87-86.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


