| четврток, 6 декември 2018 |

ФЗОМ: Помалку казни за аптеките следната година

Фондот овие измени ги направи со цел максимално да се олесни секојдневното работење на фармацевтите и аптеките, како и релаксирање на казнената политика и намалување на договорните казни, согласно Владината политика, велат од ФЗОМ

По завршување на преговорите со Лекарската и Стоматолошката комора кои резултираа со изработка на нови анекси на договори кои нудат поволности на лекарите и стоматолозите, Фондот заедно со Фармацевтската комора ги разгледа можностите за релаксирање на казнената политика за аптеките.

Како резултат на преговорите со Фармацевтската Комора се изготвија нови анекси на договорите за 2016 година за аптеките. Фондот овие измени ги направи со цел максимално да се олесни секојдневното работење на фармацевтите и аптеките, како и релаксирање на казнената политика и намалување на договорните казни, согласно Владината политика, велат од ФЗОМ.

Фондот смета дека со подобрување на сегашните договорни одредби, ќе се овозможи поголема фармацевтска грижа за осигурениците, генерално порелаксиран однос на фармацевтите кон Фондот и намалување на обврските кои непотребно ги оптоваруваа фармацевтите. Со новите анекси на договорите се овозможува подобро планирање на времето на фармацевтите без да остануваат секојдневно да средуваат административни работи по работното време. Воедно измените се во насока на унапредување на електронското работење. Измените на договорите го следат трендот за добивање на поквалитетна фармацевтска услуга и поголема грижа за пациентите.

Сумирано, новите анекси на договори предвидуваат намалување на осум договорни казни од ½ месечен надоместок во опомена, но само за првиот констатиран прекршок. Доколку истиот прекршок се повтори тогаш ќе се изрече казна од ½ надоместок; Бришење на 5 договорни казни. За две раскинувања на договор како што досега беше предвидено, со новиот анекс се предвидува само парична казна како и две договорни казни од 1 месечен надоместок се намалуваат во ½ месечен надоместок.

– Со повеќе измени во здравствениот систем и со воведување на нови електронски алатки и електронска поврзаност на аптеките со Фондот, констатиравме дека некои обврски непотребно ги оптоварувале фармацевтските тимови во аптеките и затоа пристапивме кон релаксирање на тие договорни казни кои најчесто се од административна природа. Колку за илустрација, казните кои ги бришеме се однесуваат на секојдневното зачувување на податоците- тоа сега се врши автоматски, набавка на компјутерска опрема и интернет-сега аптеката не може да работи без компјутер и интернет (освен во утврдени случаи), значи се бришат одредби кои биле актуелни во минатото, а сега само го оптоваруваат работењето на фармацевтите и се секојдневна рутина – велат од ФЗОМ.

Воедно, како заштитен механизам за осигурениците, се воведуваат две нови обврски. Аптеката мора да издаде лек на осигуреник доколку го има на полица во рамки на својата квота и мора да издава фискална сметка на која ќе се види целосниот износ на лекот, партиципацијата и доплата доколку има ќе започне да важи од 1.4.2016.

Со оваа одредба секој ќе може на лице место да види дали правилно му е наплатена партиципацијата и се исклучува каква било можност за евентуална манипулација, затоа што во секоја аптека на видно место е истакната скалата за наплата на партиципација за лекови на рецепт.

Овој  анекс на договорите за 2016 година е прифатен од  Фармацевтската Комора на Македонија, за кој изразија задоволство од новините и олеснувањата, а воедно го препознаа овој анекс како добра волја од страна на Фондот да им излезе во пресрет на фармацевтите и аптеките.

Анексите на договорите, Фондот ќе ги склучи со здравствените установи во електронска форма, преку користење на електронскиот потпис, што е олеснување за здравствените установи кои штедат време, пари и човечки ресурси и сега работата ја вршат од канцеларија.

За потсетување, ФЗОМ склучува договори со аптеки за издавање лекови на рецепт. Во моментов, ФЗОМ има склучено договори со вкупно 772 се аптеки, од кои: 68 се аптекарски станици, 6 се подвижни аптеки и 3 се рурални аптеки. Буџетот на Фондот за лекови на рецепт за 2015 година е 2.465.000.000 денари. Согласно податоците на Фондот за лековите на рецепт, за 10 месеци се реализирани 17.424.010 рецепти.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top