| четврток, 6 декември 2018 |

Безбедносна закана во Лондон за новогодишната ноќ

Британските безбедносни власти дигнаа тревога во Лондон за пречекот на новата 2016 година во центарот на британскиот главен град, стравувајќи од можен терористички напад.

Тревогата е започната откако разузнавачките агенции добиле предупредување за можен напад на милитантни исламисти и џихадисти со огнено оружје, сличен на терористичките напади во Париз од 13 ноември или на напад од подметната бомба поставена меѓу маса луѓе собрани на улиците или на некое друго јавно место.

Според лондонскиот „Дејли телеграф“, ваквото предупредување е добиено од разузнавачки агенции на „пријателски земји“ и тоа се однесува и на деновите меѓу божикните празници и Нова година.

Весникот открива дека директорите на британското контраразузнавање се сретнале со министерот за внатрешни работи Тереза Меј околу безбедноста за празниците и за мерките што треба се преземат за да се спречи еветуален џихадистички напад.

Вакво предупредување добиле и безбедносните служби на уште неколку западноевропски престолнини, а руските власти дискретно веќе ги предупредија жителите на Москва, порачувајќи им дека најбезбеден дочек на Нова година ќе имаат ако останат во своите домови.

Властите во Лондон не размислуваат за ваква опција, а претседателот на парламентарната Комисија за безбедност, Кит Ваз се спротивстави на евентуалното откажување на дочекот на 2016 година во центарот на Лондон, предупредувајќи дека нема место за кревање паника.

Контраразузнавачите и министерката Меј, сепак, се договориле на „максимална будност“ и за ставање на сите безбедносни сили, вклучувајќи ги и специјалните единици, во состојба на готовност.

Бројот на вооружените полицајци низ лондонските улици веднаш по париските терористички напади е двојно зголемен, а сега е договорено вооружени полициски сили да се распоредат околу Лондон, во деновите до Нова година и во текот на новогодишната ноќ.

Секоја година на улиците околу бреговите на Темза, како и на плоштадот Трафалгар, за новогодишната ноќ се собираат меѓу половина милион и еден милион туристи и Британци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top