Претставата „Будење на пролетта“ вечерва премиерно ќе биде изведена на матичната сцена на битолскиот „Интимен Театар“. Таа е инспирирана од текстовите на Франк Ведекинд, а во режија на Софија Ристевска која во овој проект настапува и како актер.
Во претставата заедно со Ристевска ќе настапат Здравко Стојмиров и Стефанија Милевска со основна задача да понудат една интимна приказна за патот полн со предизвици што го поминува секоја жена, во процесот на исполнување на своите мечти и соништа, најавија битолските актери во пресрет на вечерашната премиера.
Режисерката Софија Ристевска истакна дека во најновиот проект „Будење на пролетта“ се разгледуваат проблемите на женската популација во нашето општество, како сегрегацијата и етикетирањето на секојдневно ниво, врз различни основи.
– Во ова време на суров неолиберализам кога жената има професија и кариера, а плус мора да е добра мајка, домаќинка, сопруга и љубовница, таа се соочува со константната нетрпеливост и нетолерантност од страна на општеството, што не е едуцирано и истренирано, за да го толерира моделот на „Жена-Лидер“. Нашата претстава со голема доза на хумор и самокритика ги разгледува проблемите на жените што се борат активно за своите позиции и не потпаѓаат под ничие влијание, посочи Ристевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.