
„Ова ќе зоврие“. „Можно е да излезе од контрола“. „Навидум овој мир може да експлодира“. „Ние сме навикнати друг да страда-ние сме благонадежни“. „Ќе биде најверојатно граѓанска војна“. „Ќе биде тешко, ама без нас ептен потешко“ – ова е извадок од комуникацијата меѓу првообвинетиот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски и Звонко Костовски која уште на почетокот на годинава беше објавена во сите медиуми.
Звонко Костовски соочен со доказите, ја призна вината и кон крајот на февруари се спогоди на затворска казна во времетраење од 3 години.. Основниот Суд Скопје 1 – Скопје, тогаш извести:
„По поднесување на Предлог спогодба од страна на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Кривичниот суд, судија на претходна постапка со пресуда ја верификува спогодбата со која на лицето З.К. вработено во МВР, за кривичните дела: Шпионажа од чл.151 ст.4, вв со ст 1, а во врска со чл 45 од КЗ му се одмерува единствена казна затвор во траење од 3 години“.

Зоран Верушевски, за разлика од Костовски, одлучи да молчи пред органите на прогонот и да не соработува.
Верушевски и неговиот агент Лазаревски во својата комуникација зборуваат за некој наводен Чадор кој ги штити.
Зоран Верушевски не откри што е тоа што ќе зоврие и ќе излезе од контрола. Зоран Верушевски не кажа пред судот, ниту како „мирот ќе експлодира“, ниту пак што точно значи навиката „друг да страда“. Зоран Верушевски не му објасни на судот ниту кога или како ќе се случи граѓанската војна што ја најавува. Зоран Верушевски не објасни ниту кој е чадорот што ја штитеше неговата организирана криминална група.
Верушевски одби на тогаш надлежното јавно обвинителство за гонење организиран криминал да им ја каже шифрата од трикриптот, односно заштитата во неговиот компјутер која органите на прогонот не можеа да ја пробијат. Една од претпоставките е дека скапиот и современ софтвер кој го набавил од странство, Верушевски веројатно го искористил за да ги заштити најчувствителните податоци.
Како Специјален Јавен обвинител, Катица Јанева по устав и по закон е обврзана да го гони уште пожестоко овој човек кој се уште претставува сериозна закана. Наместо да притисне уште повеќе за расветлување на сите дилеми од случајот „Пуч“ согласно овластувањата кои и стојат на располагање, Катица Јанева одлучи да побара Зоран Верушевски да биде ослободен од притвор.
Јанева не даде образложение до јавноста зошто се одлучи на ваков срамен и недоличен потег за еден обвинител. Дали Катица Јанева знае кој е “чадорот“ или таа самата била „чадорот“?
Дали Катица Јанева ја доби шифрата од трикриптот, односно заштитата од компјутерот на Верушевски? Дали на Катица Јанева не и пречат најавите за граѓанска војна и страдање на другите? Сите овие легитимни прашања останаа неодговорени -пишува Курир.
Како што најави Фокус, кој е близок на СДСМ, пред една недела, Катица Јанева одлучи да побара Зоран Верушевски да биде ослободен од притвор.
Барањето за ослободување од притвор доаѓа во ситуација кога Катица Јанева го крши законот и не презема никакви мерки против Зоран Заев кој одбива да ги предаде 600.000 незаконски снимени и незаконски стекнати телефонски разговори на македонски граѓани.
70.000 такви разговори се пронајдени и кај обичен криминалец наречен Чауш кој ги препродавал и надвор од земјава. Зоран Заев, самиот призна дека овој криминалец доаѓал кај него во партиските канцеларии и дека имале соработка.
Инаку, името на Зоран Верушевски не е прв пат поврзано со афери. Неговото име се вртеше и околу случајот „Големото уво“ кој заврши со амнестија. Неговото име се вртеше и околу скандалите со незаконско земање на државни станови, а честопати беше присутен во јавноста и како полициски функционер кој ја злоупотребувал моќта што ја има за да го спаси сопствениот син од криминалите кои ги вршел.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


