| четврток, 6 декември 2018 |

Катица е обвинител или чауш на Заев?

 

Ненад Мирчевски

Ненад Мирчевски

 

Кога Катица Јанева се нафати како специјален обвинител да ги расчистува аферите поврзани со нелегално прислушуваните разговори, прво што требаше да има на ум е дека нејзина примарна обврска е да работи во интерес на граѓаните, особено на оние што се жртви на нелегалното прислушување, а во никој случај да се претвори во уште еден чауш на Зоран Заев и да стане соучесник во фабрикувани афери. Неверојатните детали од истрагата за „фабриката за афери“, кои деновиве беа објавени од повеќе медиуми, особено информациите дека првоосомничениот Захир Бекири-Чауш поседувал 70.000 нелегално прислушувани разговори, се сериозен аргумент пред кој Јанева не смее да продолжи да седи со скрстени раце, туку час поскоро мора да преземе мерки за да ги добие наводните 600.000 разговори за кои лидерот на опозицијата тврди дека „ги чува на сигурно“, а упорно одбива да ѝ ги предаде.

Јанева, исто така, ќе мора да гарантира дека Заев ѝ предал толку разговори колку што тврдеше дека поседува, дека станува збор за оригинални снимки кои понатаму ќе се користат во истрагата и дека ниту Заев ниту неговите чауши од СДСМ противзаконски не поседуваат копии кои во иднина ќе можат да ги злоупотребуваат. Сите оние граѓани што биле противзаконски прислушувани имаат право да знаат, а обвинителката мора да им го овозможи тоа право и во исто време да обезбеди заштита на нивната приватност.

Сосема е нејасно зошто Катица Јанева упорно му дозволува на Заев сам да си поставува различни нелогични услови и нереални барања, сѐ со цел да го избегне предавањето на снимките со што секојдневно ја бламира пред јавноста, правејќи ја некадарна да си ја врши работата?

Обвинителот што сериозно ја работи својата работа, нема да остави ниту минимум простор за да може јавноста да го доживува како продолжена рака на обвинетиот. Со таквиот однос го урива не само својот личен авторитет, туку и имиџот на и така веќе силно оспоруваната институција од граѓаните, која според договорот од Пржино, треба да има ист третман кон двете страни.

Колку и да се обидува да премолчи, Јанева, сепак, нема да може да избегне да одговори на многу логични прашања што самата си ги наметна со своето нелогично однесување: Кој, според законите што ги брани, треба да го поседува и да го чува доказниот материјал – обвинителот или обвинетиот? Кој треба во случајот да поставува услови – Јанева или Заев? Како може да му дозволува на Заев да ја понижува пред целата јавност, кој тврди дека тој подобро можел да го чува доказниот материјал од неа? Ако, пак, се сложува со неговото мислење, зошто досега не побарала зголемено обезбедување, наместо да бара чистачка, дактилографка, пари за дневници…? Кој, според Јанева, треба да ги заштити граѓаните од Заев и од неговите чауши? Знае ли обвинителката дека ќе биде нејзина одговорност ако овие разговори во иднина се злоупотребат за уценување на недолжни граѓани, бизнисмени, политичари?

Дали е свесни дека со своите постапки повеќе наликува на соработник на Заев, отколку на обвинител кој треба да го разобличи криминалот со стотиците илјади нелегално снимени приватни разговори од илјадници граѓани во државата?

Катица Јанева може и мора да му наложи на Зоран Заев итно да ги предаде сите снимки што ги поседува. И за тоа не ѝ е потребно одобрение од Заев. Во исто време, нејзина обврска е да дознае во чии сѐ раце завршиле овие разговори, освен кај Чауш, во кој обем и во кој период. За сите нив, исто така, треба да се погрижи да одговараат пред законот.

Ако Јанева смета дека и по откривањето на „фабриката за афери“ ќе може да продолжи да го третира Заев како свој штитеник, се излажала. Овој пат, или ќе ги открие сите чауши на Заев или ќе се потврди како уште еден негов гласник.

Токму затоа, без разлика каква ѝ била досега намерата за случајот „Пуч“, час поскоро мора да докаже дека таа не е соучесник во злоупотребите на снимките со тоа што ќе почне да се води буквално според законите, а не според волјата на Заев.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top