На само еден час од почетокот на закажаното рочиште за главна расправа за „Пуч“ специјалната обвинителка Kатица Јанева, која го презеде овој предмет, и пишала на судијката Љубинка Башевска дека нема да дојде на рочиштето и дека бара одложување.
Имено, Јанева го презеде „Пуч“ пред десетина дена, а во меѓувреме уредно ја примила и поканата од судот за
вчерашното рочиште. Сепак, местото за обвинителот во судницата 1 во скопскиот Kривичен суд остана празно. На судијката Башевска, иако беше зачудена од ваквиот однос на Јанева кон судот, кој не го удостои со лично присуство, не ѝ остана ништо друго освен да го презакаже рочиштето за 14 јануари 2016 година во 10 часот.
Писмо во 9 и 15
– Kако што можете да видите, нема присутен јавен обвинител. Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското прислушување уредно е повикано за рочиштето. Во судот денеска во 9.15 часот пристигнато е известување од обвинителството со барање главната расправа да се одложи поради потребата да се разгледаат сите докази што се дел од судскиот предмет. Ова ќе мора да го уважам иако сметам дека некој од нив требаше да се појави во судот – коментира Башевска.
Рочиштето за „Пуч“ беше закажано за 10.30 часот.
Паралелно со писмото до судијката, Јанева вчера испрати писмо со кое ѝ се обрати на јавноста, а во кое
потврдува дека бара одложување на рочиштето.
„Побарано е одлагање на главната расправа по предметот познат во јавноста како „Пуч“ од причина што потребно е целосно да бидеме запознаени со содржината на доказите кои се доставени до судот, а кои не се содржани во обвинителскиот предмет што ни беше доставен“, пишува во обраќањето на Јанева.
За да нема забуна, од Јавното обвинителство на РМ ѝ бил доставен целиот предмет, но во судскиот предмет кај Башевска има и други документи, па Јанева барала увид и во нив. Во соопштението нема објаснување зошто досега не побарала увид во целиот предмет со оглед на тоа дека рочиштето за ова судење беше познато
поодамна.
„Дневник“ уште пред една недела објави дека Јанева ја примила поканата за „Пуч“, но дека веројатно е дека ќе бара одложување со образложение дека ги нема проучено целиот предмет и доказите.
„Бараме правда“
За разлика од тоа што Јанева не дојде, првпат на ова рочиште беа присутни сите обвинети во „Пуч“, вклучително и Зоран Заев, лидерот на СДСМ, обвинет за обид за насилство врз носител на највисоката државна функција, т.е. за уцена на премиерот Никола Груевски со снимки од прислушување. Во судницата беа присутни и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња Верушевска, Ѓорѓи Лазаревски, вработен во МВР, и Бранко Палифров, функционер од Општина Струмица, обвинети за шпионажа.
– Пред десетина дена специјалното обвинителство нѐ информира дека предметот „Пуч“ е под негова надлежност. Се појавивме бидејќи стоиме до зборот. Но она што е важно, специјалното јавно обвинителство како независна институција вроди надеж кај сите граѓани на Македонија дека се враќа процесот на вистината, на правдата – изјави Заев пред судот.
Според него, веќе се докажало дека немало никакво насилство врз високи функционери на власта.
– Странски служби за шпионажа нема, извршено ли е насилство спрема премиерот? Предвремени избори се постигнати, постигната е техничка влада. Тоа беа индикациите за насилство спрема претставници на високи државни институции. Апсурден е целиот систем. Бараме правда, не барам предметот да падне, не барам предметот да се повлече, барам да се отвори до крај да се испишат учебници во Македонија како не требало да се носи правдата во државата – рече лидерот на СДСМ.
ЗАЕВ: САМО ЈАС ЗНАМ КАКО ТРЕБА ДА СЕ ЧУВААТ СНИМКИТЕ
Никој во државата, освен Зоран Заев, не знаел како и под кои услови и заштита треба да се чуваат материјалите од незаконското прислушување што тој ги поседува. Заев ова го изјави на новинарско прашање зошто сѐ уште не ѝ ги предава снимките од над 600.000 илјади разговори на 20 илјади граѓани на специјалната обвинителка Kатица Јанева и покрај тоа што премиерот Никола Груевски потврди дека е донесена одлука за 24-часовно полициско обезбедување на Јанева, но и самото СЈО потврдува дека има услови да ги прими снимките.
– Само јас знам што треба за чување на тие материјали, 11 месеци сум ги чувал поради доверливата природа. Јас сум совесен носител на вакви информации кои задираат во приватната и интимната природа на огромен број граѓани, штом ќе бидат обезбедени условите за чување на тие материјали, како совесен имател, материјалите ќе бидат предадени – рече тој.
ЗАЕВ ПОДНЕЛ КРИВИЧНИ ПРИЈАВИ ЗА ОБВИНИТЕЛОТ И СУДИЈАТА ВО „ПОТКУП“
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прашањето дали ќе се појави на судењето и за „Поткуп“ на 25 јануари, каде што се товари дека како струмички градоначалник бара поткуп од струмички бизнисмен од 200.000 евра, рече дека ќе дојде, но и дека поднел кривични пријави против обвинителот и судијата од претходната постапка во овој случај поради тоа што користеле снимки од незаконско прислушување против него.
– Имам покана за 25 јануари, но истовремено да обелоденам дека имам поднесено кривична пријава против јавниот обвинител во овој предмет, Владо Милошевски, и до судијата во предистражната постапка, ве упатувам на кривичната пријава каде што се доставени материјали од неовластено следење на комуникациите на Зоран Заев за да може овој случај да биде преземен од специјалното обвинителство – изјави Заев.
АДВОКАТИТЕ И ЗАЕВ ИЗБИРАА КОГА ДА БИДЕ СЛЕДНОТО РОЧИШТЕ
Судијката Башевска, по дописот од Јанева, се обиде да ги убеди обвинетите и нивните адвокати следното рочиште за главната расправа да биде закажано пред Нова година, но не успеа во намерите. Наместо тоа, адвокатите и Заев неколку пати ги променија предложените термини од судијката. Башевска се обиде првично рочиштето да го закаже за 28 декември, но адвокатот на Заев, Филип Медарски, не го прифати овој термин бидејќи имал веќе закажано друго судење. По тоа, Башевска го одложи судењето на 13 јануари, но тогаш се побуни адвокатот Драган Малиновски, кој рече дека тој датум уште е дел од новогодишните и божикните празници, а Заев изјави дека тогаш има судење во Струмица по негова кривична пријава за клевета.
На ова реагира судијката дека не можат да се избираат термини и дека оправдување би било само претходно
закажано судење и дека единствен слободен термин за „Пуч“ би пронашла на 11 јануари. Но и овој термин не беше конечен. Заев повторно се побуни со образложение дека тој ден во посета на државата доаѓаат тројцата
европратеници задолжени за Македонија – Ричард Ховит, Едвард Kукан и Иво Вајгл, кои ќе имаат средби со
лидерите на сите политички партии. Најпосле Башевска попушти и судењето го закажа за 14 јануари.
Извор: Дневник
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.