Членови и претседатели на синдикални организации на синдикатот на УПОЗ денеска уште еднаш од министерката за труд и социјална политика Фросина Ташевска Ременски побараа да го искористи законското право и да не го потпишува решението за запишување во регистерот на синдикати, односно да не врши упис на лицето за застапување на УПОЗ Пецо Грујовски, бидејќи, како што тврдат тие, постапката за негов реизбор не била спроведена согласно статутот.
– На Пецо Грујовски денеска му завршува стариот мандат. Ако министерката го потпише решението за новиот мандат, ќе дозволи во Македонија да не се почитуваат законите и статутите по кои работат овој тип на организации, рече Игор Миќев, претседател на синдикалната организација при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Тој додаде дека на министерката Ташевска Ременски и биле доставени материјали на 9-ти овој месец во кои, како што рече, детално биле опишани сите незаконски и нестатутарни дејства кои ги преземал Пецо Грујовски со кои го приватизирал синдикатот на УПОЗ и дека дури денеска таа се согласила да ги прими и да ги сослуша.
– На министерката во пишана форма и ги доставивме и сите документи кои ги има испратено до членовите на синдикатот на УПОЗ, а во кои јасно се гледа неговата намера. Сакаме да ја повикаме и да ја потсетиме на сите овие документи кои ги доставивме и бараме прием за лично да ги образложиме сите неправилности, рече Миќев.
Тој информира дека прием кај Ташевска Ременски бил побаран и на 14-ти овој месец со цел, како што потенцира, да и се укаже дека и покрај сите напори да го спречат во намерата Грујовски, тој на 12 декември „одржал приватна журка и се самопрогласил за претседател на УПОЗ, повикувајќи дел од членовите нему блиски од неколку синдикални организации“.
– Така има моменти синдикална организација која има 50 членови да има тројца делегати, или организации со четири члена да имаат делегат, а од друга страна делегации кои имаат над 300 членови да немаат воопшто ниту еден претставник, рече тој.
Потсети дека и пред три дена, на 18 декември, тие од министерката за труд и социјална политика поднеле барање да не изврши запишување во регистарот на синдикатите на нов, како што велат, нестатутарен мандат на Грујовски за претседател на синдикат на УПОЗ.
– Ако не го изврши запишувањето во регистарот, минирстерката ќе овозможи постапката за избор на синдикат на УПОЗ да се одвива по статутот на синдикатот, рече Миќев.
Апелираше, во меѓувреме, сите служби на синдикатот на УПОЗ да не потклекнуваат на, како што рече, манипулациите на Грујовски и да не ги користат деловодните книги и печатите за злоупотреба на сите права кои тој веќе ги нема.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.