| четврток, 6 декември 2018 |

Кочовски: Живот исполнет со разновидна динамика

Интервју со Панче Кочовски, еден од основачите на „Мањифико, објавено во 25-от број на неделникот „Република“ (22 февруари 2013)

Pance-Kocovski-1

Помладите, можеби, воопшто не слушнале за ансамблот што има одржано повеќе од 3.700 самостојни концерти во повеќе од 30 земји во светот, но постарите многу добро ги паметат хуманитарците што направиле 42 концерти за настраданото Скопје во земјотресот во 1963 година.

 

Живот исполнет со разновидна динамика… Вака денес Панче Кочовски, еден од членовите на некогаш популарните „Мањифико“, ја опишува својата животна приказна. Последните години е преокупиран со создавањето книга посветена на овој ансамбл, „Мањифико – мит, легенда или реалност“. Со задоволство зборува за „Мањифико“, за патувањата, за првите емоции кон својата сопруга Невенка, за раѓањето на двете ќерки Тања и Лидија… Денес секојдневно ужива во прошетките со својата сопруга, и гордо нагласува – 16 години сум пензионер, никогаш не сум отспал попладне. Помладите, можеби, воопшто не слушнале за ансамблот што има одржано повеќе од 3.700 самостојни концерти во повеќе од 30 земји во светот, со повеќе од 7.500.000 публика, но постарите многу добро ги паметат хуманитарците што направиле 42 концерти за настраданото Скопје во земјотресот во 1963 година.

Додека разговаравме со Кочовски, ја разгледував работната верзија на книгата.
„Овоземниот човечки живот има смисла само кога се има чувство дека сме некому потребни и дека некои нам ни се потребни“, е мислата што е напишана на првата страница, под која стои потписот на Кочовски.

Од група за акции до светска слава

Се навративме години наназад, тогаш кога првпат е формиран „Мањифико“. Тогаш Кочовски имал неполни 18 години.
– Тоа време беше популарна латинската музика во една поинаква, камерна форма, изведувана од трио, квартет, квинтет… Тогаш имаше работни акции, на кои имаше и забавна програма. Се роди идеја со Крсто Таушанов, кој беше солист на гитара и вокална придружба, да се вклучиме во тој забавен дел. Сакавме да направиме трио. Ни требаше трет човек, кој случајно го пронајдовме, ученик во Уметничко училиште Сергеј Поповски, кој беше гитарист и вокал. Направивме две песни, „Песна за Аргентина“, и песната од бразилскиот филм „Бунтовник“, „Оле муље рендера“ или во превод „Убавата жена“. На приредбата присуствуваа околу 900 луѓе. Беше интересно како таа публика ја прими музиката изведена од нас – се присетува познатиот музичар, кој со „Мањифико“ го освојуваше светот.

Pance-Kocovski-2

Подоцна Сергеј ја напуштил групата по­­ради образование. Им се придружил Ди­митар Томов, кој бил добар вокал, а сви­рел на ритам гитара и на удиралки. Се наметнала потребата од женски вокал. Кочовски сосема случајно ја пронашол Невенка, која подоцна му станала и сопруга.

– Ја пронајдов сосема случајно. Работевме многу тој период, по седум-осум часа дневно. Моравме да вклучиме и сценски елементи и цело време да бидеме насмеани како Јованка Броз. Публиката не бара намуртени луѓе – раскажува Кочовски.

Како петти човек во ансамблот се вклучил Борис Низамовски, кој имал организаторска функција и речиси целиот период успешно го менаџирал „Мањифико“. Кочовски вели, без менаџер не се работи. Според него, ова е најдобриот менаџер со кој немало влегување во некоја агенција без да се направи договор. Во 31 година работење, „Мањифико“ трпел промени, пред сѐ поради обврските со служење воен рок. Сите во различно време служеле војска и се барала соодветна замена. Имале дури и членови од Латинска Америка во ансамблот во 1965 година и во 1966 година. „Мањифико“ во својот период на егзистирање имал осум постави.

Како Невена стана Кочовска

Се наметна прашањето – како Невена стана Кочовска. Панче вели на почетокот биле само колеги и пријатели, како со сите други членови на „Мањифико“.

– Првите две години сѐ беше нормално, се почитувавме, помагавме, но немаше некои поголеми чувства. Невена дури како пријателка ми правеше друштво додека да ми дојде девојката, па ја испраќавме за да не оди сама до дома. Бевме другари. Одеднаш проработија тие бранови должини. Во ист момент се појавија некои симпатии. 1964 година на 11 октомври веќе стапивме во брак. Имавме и имаме среќен брак, поминавме секакви моменти. Има почит и разбирање – раскажува нашиот соговорник.

Pance-Kocovski-3

Пародијата прифатена од публиката

Тогашниот претседател на Мексико, Ло­пез Матеос, не верувал дека „Мањифико“ е од Македонија. Иако во програмата пишувало Скопје, му било чудно што ансамблот имал мексикански композиции.
– Го прашал Тито – од каде е овој ансамбл. Досега не сум слушнал за нив во Латинска Америка. Тито му одговорил дека не ни можел да слушне затоа што „Мањифико“ дотогаш не гостувал во Мексико. Лопез Матеос се зачудил. Тито му објаснил дека оваа група потекнува од „една наша јужна покраина – Македонија“. Знаете ли колку тоа е значајно – се потсетува Кочовски.

Панче се потсетува на нивниот Перо Галев, најголемиот шармер на сцена, кој од една ситуација правел театарска претстава.

– Имавме голем концерт во Италија, во Удине. Отидовме на вечера во една интересна летна градина. Имаше ѕитче со оние медитеран ќерамиди. Ние седевме веднаш до ѕитчето. Ни донесоа порција со месо. Една мачка застана на тоа ѕитче, кое не беше повисоко од еден метар. Перо го зема месото, едниот крај ѝ го подаде на мачката, другиот го држеше. Мачката ќе повлече, Перо ќе попушти, Перо ќе повлече, мачката ќе даде отпор. Сите престанаа да вечераат и ги гледаа Перо и мачката. Ја гледаа претставата. Едно време Перо ѝ дозволи на мачката да го грабна месото и таа избега, а Перо стана и се поклони како да е пред најголем аудиториум. И така, како што беше весел и насмеан ја зеде чинијата и ја покажа на сите со натажен лик – што да јадам сега јас. Сопственикот на ресторанот го почести две големи парчиња месо – раскажува нашиот соговорник.

Се присети на уште една анегдота со Перо. Овој пат, во Црна Гора. Салата била полна.

– Дојде едно момче да ѝ подари цвеќе на Невена. Ја бакна. Потоа се качи пак, сега со еден цвет. И во моментот кога да ја бакне Невена, се намести Перо. А, во меѓувреме, извади и еден цвет од букетот што момчето ѝ го даде претходно. И му подаде цвет. Но, кога се обиде да го земе цветот, момчето ја зема само рачката, а цветот остана кај Перо – се смее еден од основачите на „Мањифико“.

Првиот концерт

Кога ќе влезете во еден вител, текот ве води. Се случуваат многу предвидени и непредвидени работи. Тоа се случувало и со „Мањифико“, ансамбл што имал своја стратегија.

– Работевме многу професионално. Вие можете да имате неколку генијални музичари, но како колективен звук да немате ништо. Без проби нема успех. Тоа ние го сфативме уште на самиот почеток. Во некои земји имавме концерти и по десетина пати. Не се чувствувавме како странци во Италија, Австрија, Германија, земјите од Југославија… Реализиравме повеќе турнеи во прекуокеанските земји, буквално на сите континенти во светот. Во својот работен век од 31 година имам реализирано повеќе од 140 полчасовни или едночасовни ТВ-емисии во 40-тина центри низ Европа и светот. Трите ЛП плочи и двете касети ни се издадени во „Амига“ Берлин. Тогашната техника не беше ни приближно на ова ниво. Не знам како пеете вие и дали имате слух за музика, но гарантирам дека со 3.000 евра од вас денес ќе направам пејачка. Техниката го овозможува тоа. Тогаш деведесет проценти беше препуштено на изведувачот, без разлика кој жанр се интерпретира– вели Кочовски.

Првиот целовечерен концерт во Скопје го одржале на 17 февруари 1962 година во домот „Кочо Рацин“, спроти Домот на градежници. Првиот концерт надвор од Скопје го одржале на платото на тогашниот хотел „Галеб“ во Струга. А првиот концерт надвор од Македонија во „Непкер театар“ во Суботица. Првиот концерт надвор од Југославија им бил во Египет. Големи скокови за само една година. По ова „Мањифико“ одел сѐ подалеку и подалеку. Настапувале со светски и со европски ѕвезди, како двојниот победник на „Сан Ремо“, Тони Далара, Рита Павоне, Нини Росо, Тони Ренис…

– Денес е непоимливо турнеја од три месеци. Сѐ е повлечено во сопствени национални рамки. Поголем Македонец од мене нема и, секако, од тие од „Мањифико“. Направивме многу концерти во добротворни цели. Приходот од повеќе од 200 концерти одеше во Македонија или пеевме тука без хонорари, како подарок. Повеќе од 200.000 тогашни марки се дадени за Скопје. На 25-годишниот јубилеј, 1984 година, еден новинар постави прашање за статусот на капитал… „Мањифико“ не би опстанал да го немаше тој капитал. Но, не е задоволство само материјалното. Има моменти што не можат да се надоместат со материјални средства, како средбите со одредени личности. Му реков дека секој од нас за да го види сето тоа што го видовме ние низ светот низ годините со турнеите треба да издвои по најмалку еден милион и двесте илјади долари. Нам ова ни беше платено, а воедно и извршивме една мисија, афирмација на нашата земја – вели Кочовски.

Pance-Kocovski-4

„Мањифико“ – мит, легенда или реалност

Сѐ е подготвено за книгата посветена на Мањифико. Од негова страна сѐ е завршено. Во секој дел на материјалите има наведено која фотографија треба да биде поставена и која легенда треба да стои. Сите фотографии му се нумерирани, со што се отстранува можноста да се направи грешка. Уредно и прецизно е наведено сѐ. Сѐ тече во континуитет.

– Со книгата заедно ќе има две аудиоцедеа, одбрани нумери од 192 снимки на носачи на звук. Имаме снимени музички композиции за редовните програми на 40 радиостаници низ Европа, 28 мали музички плочи со по две или четири нумери, пет ЛП музички албуми, четири аудиокасети и едно аудиоцеде, најчесто продавани во златен и во сребрен тираж. Ние сме први музичари од Македонија што издале ЛП албум, во 1968 година во „Амига“. Тие цедеа ќе бидат составен дел на книгата, исто како и цедето со видеоматеријал. Во селекцијата ми помогнаа Невенка и Перо. Мислам дека е бесмислено да се прави ваква книга без да има цеде со музика – раскажува Кочовски.

Досега книгата ја прочитале десетина луѓе. Главно, блиски на авторот, од кои сакал да слушне дали е на вистинскиот пат. Еден пријател му рекол дека ќе се обиде да го направи тоа за една недела. Но, третиот ден му се јавил дека завршил со читањето.

– Ми рече дека е многу читлива и дека не можел да ја остави. Ја прочитаа и сопругата, ќерка ми Тања, зетот Предраг. За некои делови велат дека се неверојатни. Еден од рецензентите ми е Јован Дамјановски, писател со повеќе од 10 романи. Музички рецензент ми е Ванчо Димитров, Фиданка Танаскова е од публицистички аспект. Тие велат дека мајсторски е направена селекцијата што да биде присутно, а што не. Има работи што недостигаат, но апсурдно е да се прави книга од 500-600 страници, не смеам да им здодеам на читателите. Напротив, да биде жеден да прочита што повеќе во еден здив. Добро е што ќе има многу илустрации. Една фотографија заменува десетина страници – објаснува Кочовски.

На почетокот „Мањифико – мит, легенда или реалност“, ќе биде отпечатена во мал тираж – 700 примероци. Се планира реализирање на европска промоција со присуство на претставници од неколку европски музички центри, со кои „Мањифико“ соработувал најинтензивно. Кочовски планира книгата да се најде и во голем број европски и светски културни центри.

Лошите моменти со „Мањифико“

Вртејќи ги материјалите за новата книга наидов на приказната за лошиот лет со авион, како и ужасната приказна за земјотресот. За тоа Кочовски вели дека е една од најлошите работи што се случиле.
– Цела Југославија беше во еден голем траур. Тогаш се виде колку сме солидарни… Седум луѓе од моето семејство загинаа. Се одложи изборот за Мис на Југославија, а потоа сите пари од тоа одеа за Скопје – додава тој.

Тогаш почнаа сеќавањата за негативните моменти. Кочовски се потсетува кога малечката Тања, денес позната актерка и пејачка со врвни гласовни квалитети, им ја донеле во Сплит. Ја оставиле кога имала само шест месеци, во пелени… Им ја донеле во фустанче.

– Бевме на турнеја. Се договоривме тој ден да ни ја донесат во Сплит. Чекавме долу на писта. Ја донесоа сестра ѝ на Невенка и нејзиниот сопруг. Невенка кога ги виде само го турна обезбедувањето и се затрча. Викнав: тоа е мајка на детето, не е деликвент. Нѐ препознаа. Ја оставија. Невена плаче, Тања не ја познава мајка си. Не сака да дојде. Отидовме до Макарска, преноќивме, па дури тогаш веројатно проработи тој детски инстинкт да ја почувствува сопствената мајка. Јас купив едно чамче во бои. Со тоа ѝ го привлеков вниманието за да почне да доаѓа. Да не беа сестра ѝ и зет ѝ на Невенка не ќе си го препознаевме сопственото дете – вели еден од основачите на „Мањифико“.

Тања до десет години била со постарата сестра на Невенка, а подоцна Тања заедно со тетка си ја чувала Лидија. Нагласува, среќа што неговите ќерки се занимаваат со слична професија, па разбираат зошто родителите не биле покрај нив. Панче смета дека да не биле сестрата на Невенка и зетот „Мањифико“ не ќе постоеле.

– Сестрите на Невенка по три години брак се загрижиле зошто немаме дете. Невена рекла дека, едноставно, ќе нема кој да го чува детето поради нејзината професија. Се работеше за ансамбл од кој живеат уште четири други семејства. Го оставивме и факултетот за подоцна, за да се посветиме на „Мањифико“. Едноставно, врапчето беше застанато на прозорец, од нас зависеше дали ќе го фатиме… Најстарата сестра тогаш рече дека таа ќе го чува. Не се сомневав дека ќе има проблеми во воспитувањето. Имаше исчувано три деца. Тања знае сѐ за домаќинство. Лидија повеќе помина со нас. Не знае ништо да зготви – додава познатиот македонски музичар.

Крајот на успешната приказна

Нивната стратегија завршува со тешката болест на Крсто, кој бил болен од рак. Почувствувале дека треба да се повлечат за луѓето да ги паметат по добро, а не по тоа кога ќе почнете да паѓате и да го уривате сето тоа што сте го оставиле зад себе. Така, на 22 јуни 1990 година решиле да ја завршат својата кариера.

Но, останале заедно со Крсто. Редовно го посетувале в болница, Невена се грижела за него, му готвела… Крсто премногу ја почитувал Невенка, која се грижела за него цел живот знаејќи дека е голем боем. Другите живи членови на овој музички состав и денес другаруваат и се присетуваат на вонредно богатата уметничка одисеја.

Ансамблот „Мањифико“ се повлече и ја заврши својата многу успешна кариера и замина во вечноста.

Разговараше: Билјана Зафирова
Фото: Ѓорги Личовски и приватна архива

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top