| четврток, 6 декември 2018 |

Цената на билет купен кај возачот на ЈСП останува иста се до вклучувањето на приватните превозници

Наместо од 1 јануари 2016, како најавеното, електронските билети за возење во државните и приватните автобуси ќе бидат задолжителни од мај 2016. Меѓутоа, електронските билети ќе започнат да се користат од Нова година. Моменталната цена на билет купен кај возачот останува иста се до вклучувањето на приватните превозници во Системот за електронска наплата.

novo-plakanje-jsp-640x272

Република побара одговори на прашањата кои најмногу ги интересираат граѓаните во врска со новите електронски картички. Костадин Тасевски од ЈСП Скопјe ги појасни сите нејаснотии околу новините кои ги воведува ова претпријатие.

Каде  може да се набават  електронските картички? Се плаќа ли за земање на првата електронска картичка.

– Персонализираните картички се издаваат исклучиво во осумте инфоцентри (ЈСП СКОПЈЕ Автобаза Автокоманда, Шумарски Факултет, Бит Пазар, Аеродром, Транспортен Центар, Карпош II, Порта Влае), коишто се наменети за таа работа, додека понатамошното надополнување ќе може да се оствари во сите продажни места (билетарници) на ЈСП СКОПЈЕ;

– неперсонализираните картички ќе можат да се купат и да се надополнуваат во сите билетарници на ЈСП, мастер-дилери и на ТВМ апаратите, кои ќе бидат поставени на три локации низ градот.

Како тече вадењето на електронските картички, колку се досега издадени?

– Издавањето на електронските картички се движи според планираното. Имено, граѓаните одат во инфоцентрите со потребната документација, на лице место ги сликаат нашите служби и картичките им ги издаваат за само неколку минути. Во соработка со одредени организации и институции на различни социјални групи, дел од нив организирано пристапија кон изработка на електронски картички, кои до овој момент ја надминува бројката од 70,000.

Како ќе се надополнуваат картичките и каде ќе може да се надополнат?

Како што кажавме, електронските картички ќе можат да се надополнуваат во сите билетарници на ЈСП, мастер-дилерите и на ТВМ апаратите, кои ќе бидат поставени на три локации низ градот.

Дали имате во план отварање на  повеќе билетари или пак поставување на автомати на секоја автобуска постојка?

Во насока на зголемување на достапноста на граѓаните за купување на билети, освен зголемување на бројот на билетарите, исто така ќе можат да ги набават и преку нашиот мастер-дилер. Понатаму, ова претставува голем проект, кој мора етапно да се решава, во согласност на потребите на граѓаните и финансиските импликации кои би можеле да се предизвикаат за претпријатието.

JSP SKopje Bus Picture

Која е причината за зголемување на цената на билетот кај возачот на 60 денари, а исто така и зголемување на цената на еден билет од 30 на 35 денари?

Во текот на оваа седмица, низ медиумите се објавија  дезинформации за покачување на цените на услугите на ЈСП СКОПЈЕ. Од тие причини, информираме дека новите предлог-цени на билетите се следните:

–           Билет за едно возење, цената се унифицира за сите зони на 35 денари, односно цената за втората зона (приградски линии) се намалува од 40 на 35 денари;

–           Билет за ноќно возење, цената останува иста, односно 40 денари;

–           Билет за 10 возења, цената останува иста, односно 250/300 денари во зависност од зоната;

–           Месечен билет, цената е намалена за 60 денари во прва зона (од 1460 на 1400 денари), односно 80 денари за двете зони (од 1680 на 1600 денари);

–           Месечен билет за деца без родители, цената е намалена за 30 денари (од 730 на 700 денари);

–           Сезонски месечен билет за студенти и ученици за месеците Јули и Август, цената е намалена за 20 денари (од 620 на 600 денари);

–           Годишен билет, цената е намалена за 660 денари (од 16060 на 15400 денари). Исто така, годишниот билет ќе биде со важност од 12 месеци од моментот на купување на истиот.

ЈСП СКОПЈЕ ја информира јавноста дека се планира воведување и на нови типови на билети, и тоа:

–           Временски билет за 90 минути (менување на автобуси), цената ќе изнесува 60 денари, што значи дека со промена на 3 автобуси, просечната цена на возење ќе изнесува 20 денари; за промена на 4 автобуси, просечната цена на возење ќе изнесува 15 денари итн;

–           Дневен билет за прва, односно двете зони ќе биде 120/150 денари во зависност од зоната, што значи дека доколку некој се вози во просек 5 пати во денот, просечната цена на билетот ќе изнесува 24, односно 30 денари од возење;

–           7 дневен билет ќе изнесува 500 денари за прва зона, односно 600 денари за двете зони, што во просек би чинело 19,23 односно 23,08 денари. Исто така, со овој билет секој корисник ќе добие и билет за жичарница и лифт во два правци;

–           3 месечен билет ќе изнесува 4,000 денари за прва зона, односно 4,500 денари за двете зони или во просек би чинело 21,62 односно 24,32 денари по возење. Исто така, со овој билет секој корисник ќе добие и 3 билети за жичарница и лифт во два правци;

–           6 месечен билет ќе изнесува 7,800 денари за прва зона, односно 8600 денари за двете зони или во просек би чинело 21,67 односно 23,89 денари по возење;

Напоменуваме дека моменталната цена на билет купен кај возачот останува иста се до вклучувањето на приватните превозници во Системот за електронска наплата.

Во однос на висината на цената на билетите купени кај возачите, напоменуваме дека со воведување на новиот систем за електронска наплата се менува начинот на наплатата и сите редовни корисници на Јавниот градски превоз е потребно да поседуваат електронска картичка со чие користење им се овозможува да ги користат сите типови на билети по погоре дадените цени.

Понатаму, значајно е да се напомене дека со овој систем значително ќе се намали обемот на работата на возачите на автобусите кои во моментов покрај нивната основна дејност – возењето, мораат и да продаваат билети. Со ова значително ќе зголеми безбедноста во сообраќајот и ефективноста на возачите.

Билетот кој се купува во возило е предвидено и понатаму да може да се купи имајќи ги предвид патниците кои доаѓаат од другите градови во Македонија и од странските држави да можат да ја користат услугата на градскиот превоз во град Скопје, без притоа да мораат да извадат електронска картичка.

Дали пензионерите и студентите ќе мора да ги отчукуваат картичките при секое возење?

Да. Секој патник кој ќе влегува во автобусот, ќе мора да ја валидира својата картичка, без разлика дали станува збор за бесплатен билет или не, со што ќе добиеме бројка за користењето на автобуските линии, што од позитивен аспект гледано, службите на ЈСП ќе можат да ги предвидуваат наредните периоди, пред се за тоа колку возила да бидат пуштени во оптек.

Остануваат ли вторник петок и сабота, односно ќе имаат ли денови за бесплатно возење и кои денови ќе им биде овозможено тоа. Ќе ги откуцуваат ли картичките во тие денови.

Да. Значи без разлика дали станува збор за бесплатните денови (вторник, петок, сабота и недела), задолжително ќе биде валидирањето на картичките.

Доколку од  невнимание патникот двапати да ја доближи картичката дали тоа ќе значи дека ќе се отчукаат две возења?

– Не. Системот е така прилагоден, што доколку некој патник двапати ја валидира картичката, вториот пат системот ќе покаже дека веќе еднаш е валидирана и нема по втор пат да одземе средства од истата.

Како ќе се проверува уште колку возења има на картичката?

– По секое валидирање, валидаторот покажува уште колку средства се останати на картичката.

На кој начин ќе се вадат неделните, месечните и годишните картички и колкава ќе биде времето на нивното траење ?

– Самата картичка има важност од минимум 4 години, а вадењето на картичките ќе може да се оствари во сите билетарници, ТВМ уреди и мастердилерите, освен за персонализираните (со слика) кои мора да бидат изработени во инфоцентрите.

До колку години децата не плаќаат билет?

– До 6 години.

17660mala 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top