| четврток, 6 декември 2018 |

НБРМ со мерки ќе го забавува порастот на долгорочните потрошувачки кредити

нбрм

Советот на Народна банка на Република Македонија на денешната седница усвои одлука со која се воведуваат мерки за забавување на високиот пораст на долгорочните потрошувачки кредити. Мерките, како што се појаснува во соопштението од НБРМ, се воведуваат за да се ограничат потенцијалните ризици од забрзаниот пораст на долгорочните потрошувачки кредити, односно за да се влијае превентивно на сигналите за можните идни растечки ризици од овие кредити.

­ Со мерката се зголемува капиталното барање за банките за долгорочните потрошувачки кредити со рок еднаков или подолг од осум години. За да не се предизвикаат поголеми потреси на пазарот на потрошувачкото кредитирање, а сепак стапките на раст да се сведат на умерено ниво, оваа мерка е насочена само кон новоодобрените долгорочни потрошувачки кредити, односно кредитите со рок еднаков или подолг од осум години одобрени по 1.1.2016 година, при што се опфатени и пролонгациите и реструктурирањата, се вели во соопштението.

Мерката, потенцира НБРМ, не значи дека банките ќе престанат да даваат потрошувачки кредити со подолги рокови, но реално е да се очекува дека банките ќе го следат сигналот на Народната банка и ќе придонесат за забавување на брзиот раст на овие кредити. Во последните две години, според НБРМ, се забележува брз раст на потрошувачките кредити, пред сѐ на оние со рочност над десет години, чијашто годишна стапка на раст во септември годинава достигнала 47,5 проценти. Кај нефункционалните потрошувачки кредити растот е умерен, но се забрзува во последните месеци.

За да се спречи можноста од пренасочување на задолжувањето кон кредитните картички и пречекорувањата на трансакциските сметки се воведува и повисоко капитално барање и за растот на пречекорувањата на трансакциските сметки и кредитните картички остварен во однос на 31 декември годинава.

-И во овој случај, мерката не се однесува на постојниот износ на одобрени и искористени дозволени пречекорувања на трансакциските сметки и кредитните картички, туку придонесува за евентуално нивно натамошно зголемување – велат од НБРМ. Со оваа одлука, како што посочува НБРМ, се создаваат услови за олеснување на пристапот на правните лица, пред сѐ на малите и средните претпријатија до финансиските услуги. Имено, се намалува капиталното барање за издадените гаранции од страна на банките со кои се гарантира плаќање врз основа на одреден деловен однос на клиентот и за побарувањата на банките коишто се обезбедени со деловен простор којшто исполнува определени услови.

Советот ги усвои и измените на Одлуката за управување со кредитниот ризик, според кои почнувајќи од 30 јуни годинава, банките ќе вршат отписи на сите побарувања коишто се целосно резервирани подолго од две години, односно кај кои пред најмалку две години банката го утврдила и целосно го покрила кредитниот ризик од ненаплата. Советот ја продолжи и примената на нестандардната мерка за намалување на основата за задолжителна резерва во денари на деловните банки за износот на новоодобрените кредити на нето­извозниците и на домашните производители на електрична енергија за дополнителни две години. На денешната седница е разгледана и Политиката за управување и инвестирање на девизните резерви на Република Македонија, како и Програмата за работа на Народната банка за 2016 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top