Продуцентската куќа „Трето уво“ објави публикација „101 објект во Скопје“ – монографија за највпечатливите градби во главниот град – од старо Скопје до најнови објекти. Изданието е луксузно печатено, има 220 страници со фотографии и текст на македонски и на англиски јазик. Во состав на книгата е и ДВД во кое градбите се прикажани снимени од воздух со дрон.
Градбите во монографијата се поделени во категориите: национални институции, музеи, административни објекти, комерцијални објекти, старо Скопје, религиски објекти, станбени згради, спортски објекти, образовни институции, комплекси и катни гаражи.
На денешната промоција Иво Јанковски од „Трето уво“ рече дека книгата е создадена по примерот на слични книги за зградите во големите метрополи, како Њујорк, Токио, Лондон, Париз, а 101 е симболично избран број зашто Македонците, како што рече, го користат во секојдневниот говор со значење на долговечност и бесмртност. Публикацијата ги презентира познатите згради, но и многу нови објекти.
– Скопје е еден од ретките, а можеби и единствен град каде неговите жители не се ориентирани по имињата на улиците, како што е вообичаено во цел свет, туку по популарните згради во него. За секоја зграда покрај фотографија има податоци за архитектот и годината кога била пуштена во употреба. Нема амбиција да биде архитектонски алманах или водич низ Скопје. Единствена цел е да се направи пресек на естетиката на Скопје преку неговите згради, систематизирани во неколку категории. Иако е наменета, во прв ред, за странски посетители, таа во исто време ја збогатува и сопствената свест за градот во кој живееме но, за жал, не забележуваме колку забрзано се менува – рече Јанковски.
Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска посочи дека читателот со ова издание добива можност да проникне во формите и творечката оригиналност на архитектонските дела кои, како што рече, говорат за градителската традиција уште од 4 век од нашата ера. Според неа, целокупната приказна за архитектонското богатство на Скопје во книгата е заокружена со капиталните објекти кои, рече таа, му недостасуваа на нашиот град и кои се изградија во изминатите пет години.
– Публикацијата „101 објект во Скопје“ е своевиден времеплов кој не подучува дека нашето Скопје е град со традиција, особеност, град со автентичен дух и со сопствен архитектонски израз, град со идентитет. Таа е вреден артефакт за сите нас, но и репрезентативен подарок за секој посетител кој сака да ја посети престолнината на современата македонска држава и да се запознае со нејзината вековна историја – рече министерката за култура.
Публикацијата, во чие создавање биле вклучени триесетина креативци, ќе биде во продажба во книжарниците низ Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст