| четврток, 6 декември 2018 |

Почна селекцијата на пациенти за кубанската вакцина за рак на бели дробови

На Клиниката за онкологија во тек е селекција на пациентите и оние што ќе ги исполнат условите ќе ја добијат кубанската вакцина против рак на белите дробови. Во селекцијата се вклучени и претставници од Куба кои ја донираа таа вакцина.

vakcina-za-rak-na-belite-drobovi

Ова денеска го истакна директорката на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија, Марија Дарковска-Серафимовска, која рече дека постојат точно одредени протоколи по кои мораат да се приддржуваат, односно протоколи кои даваат насоки за тоа кој пациент има оправданост за примена на оваа вакцина, а кај кои нема.

– Оние што имаат оправданост за примена на вакцината, се пациенти кои се новодијагностицирани во трети или четврти стадиум на болеста, таму каде што немате алтернативна друга терапија што треба да ја понудите и кои претходно не примале хемотерапија. Тоа се условите што треба да бидат исполнети за да може еден пациент да да ја добие оваа кубанска вакцина – посочи Дарковска-Серафимовска.

Појасни дека до крајот на годинава очекува да стигнат количините, што, како што рече, не значи дека веднаш ќе бидат аплицирани кај пациентите затоа што вакцината подлежи на контрола пред да се аплицира кај пациентите.

– Значи самиот процес на анализа и на контрола на квалитетот на вакцината ќе трае една недела, можеби и десетина дена, и дури потоа, кога ќе се увериме во нејзиниот квалитет, сигурноста и безбедноста, ќе биде аплицирана кај пациенти кои доброволно ќе потпишат согласност за тоа, затоа што вакцината сѐ уште е во третата фаза на клинички инспитувања, значи не е регистрирана во Европа и ние мораме да имаме согласност од пациентите што ќе ја примат – додаде Дарковска-Серафимовска.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top