| четврток, 6 декември 2018 |

Зоран Радически е македонскиот јазичен гениј – зборува повеќе од 30 јазици

Секој јазик во себе носи една култура, еден нов свет кој некако станува дел од мене или јас од него. Затоа и стручно се наобразував во областа на преведувачките студии и пошироко во областа на лингвистиката, за да можам го работам тоа што го сакам и тоа што најдобро го умеам, вели Радически

Зоран Радически е јазичен гениј. Лингвист кој зборува повеќе од 30 јазици кои се употребуваат на сите светски континенти. Тивок е, скромен и најчесто ќе го сретнете на поетски промоции, преведувачки работилници или на „Струшки вечери на поезијата“, каде што задолжително е опкружен со бројни учесници од сите земји од светот. Тоа е несекојдневна глетка, Зоки со еден разговара на германски, со друг на француски, на третиот му преведува на англиски, со поетите од Шпанија и од Мексико се шегува на шпански… Збунувачки, но вистинито. Тој течно ги зборува најзастапените светски јазици, но, исто така, зборува и јазици и дијалекти кои се многу малку познати кај нас, како што е зулу јазикот, кој се говори во Африка.

 

Знаете повеќе јазици отколку што имаме прсти на двете раце. Како успеавте да ги научите? Каков е Вашиот систем за учење, но и паметење на толку зборови?

Радически: Познавањето на повеќе странски јазици отсекогаш било својствено за мене. Откога знам за себе, усвојувањето на јазик различен од мојот мајчин јазик беше не само нешто што со задоволство уживав да го правам и што ме исполнуваше, туку ми беше и сосема природна и едноставна работа. Растејќи во мултилингвална и во мултикултурна средина, секојдневно комуницирав со луѓе чиј мајчин јазик беше на пример албански, турски, бошначки или ромски и слично, и тоа многу ми помогна во нивното изучување. Потоа, медиумски застапените јазици како англискиот, германскиот, шпанскиот, францускиот и така натаму, за мене претставуваа голем предизвик, но и прозорец кон сосема други јазици, за кои не сум ни знаел дека постојат. Најчесто јазикот го учев аудитивно, преку активно слушање, по слух, па визуелно, со гледање на фацијалниот израз, гестовите и на гримасите на соговорникот или на луѓето, без некои јазични помагала (книги, литература, мултимедија). Така, кога би се анализирал сега, можам да споменам дека уште од прилично рана возраст, некаде на четири-пет години, обидувајќи се да ја сфатам интегралната смисла на даден јазичен систем, се обидував при комуникација со соговорници, во повеќе наврати, со добра концентрираност и повторувања, артикулирачки да ги репродуцирам истите гласови и звуци што ги слушам, за да звучат колку што е можно поавтентично.

Затоа, сосема несвесно стекнав јазични вештини да се претопам или да се преобразам во бројни странски јазици, на високо фонетско-фонолошко, но и на лексичко ниво, за да ме чувствува соговорникот како свој, како дел од него и од неговата култура, за поедноставна и поблиска комуникација. Тоа ми доаѓаше сосема нормално, без многу напор и мислење успевав да совладам добар изговор, а со тоа и да научам одреден јазик. Притоа секој глас, збор, фраза и секоја реченица успевав брзо да ги запомнам и да ги усвојам, а тие за релативно кратко време стануваа стотици, илајдници, милиони гласови, зборови и фрази. Секој различен глас, збор станува дел од мојата долготрајна меморија, но и од мојот светоглед, начин на комуникација и од мојата перцепција кон човештвото. Секој јазик во себе носи една култура, еден нов свет кој некако станува дел од мене или јас од него. Затоа и стручно се наобразував во областа на преведувачките студии и пошироко во областа на лингвистиката, да можам да го работам тоа што го сакам и тоа што најдобро го умеам.

 

Популарни сте на поетските читања каде што течно ги рецитирате и ги преведувате поетите од земјава и од странство… Дали поезијата Ве привлекува најмногу од сите жанрови?

Радически: Да, во голем дел. Читањето поезија од странски и од домашни автори од раните тинејџерски години можеби беше и една отскочна штица да се занимавам и да напредувам во познавањето на странските јазици. Зашто, не само што преведувам и рецитирам, туку и творам своја поезија, тоа ми е како умствена медитација.

 

Наоѓате ли соодветна примена на Вашето знаење на толкав број јазици? Со што се занимавате?

Радически: Да донекаде, работам како независен преведувач и толкувач од повеќе странски јазици на други странски јазици, но и на македонски и обратно, се разбира; тоа најчесто се светските јазици, англискиот, германскиот, францускиот, рускиот и шпанскиот; исто така, работам и како едукатор, предавач по странски јазици на сите возрасти, најчести целни групи со кои работам се висококвалификувани лица: медицински кадри, инженери, физички работници и студенти, кои пред сѐ, се интересираат за германскиот јазик.

 

Сте размислувале ли можеби да го пренесете своето знаење? Да ги учите новите генерации на јазиците што ги владеете, а кои кај нас не се изучуваат?

Радически: Да, па тоа веќе и го правам, но, сепак, интересот за одредени ретки, а недоволно застапени, но важни барани јазици е сѐ уште низок. Сметам дека најсоодветна практична примена на некои доста значајни странски јазици, како на пример, најзастапените азиски и африкански јазици, би била во владините сектори и одделенија или меѓународните институции и организации, чиишто службеници би имале голема, долгорочна корист.

Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 170. број на неделникот „Република“, 4.12.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top