| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа-Милевска на меѓународен културен форум во Русија

Mинистерката за култура Елизабета Канческа-Милевска престојува во работна посета на Руската Федерација каде што учествува на четвртото издание на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум, настан од исклучително значење на кој лидерите од областа на политиката, културата и бизнисот од целиот свет дискутираат за можностите за продлабочување и стимулирање на културната соработка меѓу државите.

2

Годинава на овој значаен настан, чии домаќини од 13 до 16 декември се Владата на Руската Федерација, Министерството за култура и администрацијата на Санкт Петербург, присуствуваат повеќе од 11 000 учесници, 30 министри за култура и други видни претставници од повеќе од 55 држави од целиот свет.

3

Во рамките на Санктпетербуршкиот форум, Канческа-Милевска, утринава се обрати на 11-от состанок на Бордот на „Форумот на словенски култури“, еминентна меѓународна фондација која веќе десет години ги промовира и афирмира особеностите на словенските народи и обезбедува интензивна комуникација на словенската со другите култури.

Канческа-Милевска, која воедно е и претседател на Управниот одбор на Форумот на словенски култури, пред присутните се осврна на важноста на оваа фондација која се препознава како референтна глобална платформа за интеркултурен дијалог, за зачувување на културните традиции на словенските народи  како трајни и универзални вредности во глобални рамки.

Канческа-Милевска пред присутните министри за култура и високи претставници на земјите-членки, меѓу кои и специјалниот претставник на Претседателот на Руската Федерација за меѓународна културна соработка, Михаил Швиткој, истакна дека од особено значење е што оваа година пленарната седница на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум е посветена на уште еден мошне значаен јубилеј: 70 – години од основањето на УНЕСКО, организацијата со која Република Македонија, но и сите земји-членки на Форумот на словенски култури негуваат одлични односи кои се карактеризираат со реализација на многубројни активности и иницијативи.

На состанокот на Бордот на Форумот на словенските култури беше разгледан и годишниот извештај во кој беа сублимирани сите постигнати резултати на фондацијата за оваа година, но беа нотирани и плановите за 2016 година преку кои уште поинтензивно ќе се промовираат културните особености на словенските народи.

Во попладневните часови Канческа-Милевска ќе присуствува и на пленарната седница и на свеченото отворање на  4-тото издание на Санктпетербуршкиот меѓународен културен форум, на кои ќе учествуваат високи претставници од целиот свет, како и генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, а најавено е и присуството на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.

Во текот на утрешниот ден, министерката за култура Канческа-Милевска ќе има официјално обраќање и на меѓународната конференција „Културното и духовното единство на словенските народи“, на која ќе се дискутира за културното наследство и културно-сознајните туристички правци на словенските држави.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top