| четврток, 6 декември 2018 |

„Антолог“ го објави еден од првите еротски романи од жена-автор „Растењето на Лулу“

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го објави еротскиот роман „Растењето на Лулу“ од шпанската писателка Алмудена Грандес. Книгата е добитничка на наградата „Вертикална насмевка“ за еротска проза, а култниот шпанскиот режисер Бигас Луна во 1990 година сними филм според него. Емили Л. Бергман го нарече овој роман „пробив на еротизмот во женското писмо“. Преводот на македонски е на Огнена Никуљски.

55f7fda2-8247-4eb1-9c4b-d8120b207a24

Овој интензивен еротски ракопис ги претставува сексуалното будење и авантурите на Марија Луиза, млада девојка чие семејство ја вика Лулу. Како ученичка ја заведува далеку постариот Пабло, инаку пријател на нејзиниот брат. Подоцна, се среќаваат кога таа заминува на факултет. Тој сега е професор и ја бара својата студентка за жена, постепено воведувајќи ја во различни и необични искуства. Лулу развива чуден вкус кон сексуалните супкултури на Мадрид. Ехото на Де Сад може да се насети во романот, додека таа има секс со наставничката, ужива во кревет со Пабло и со трансвестит, опсесивно спие со хомосексуалци, со врзани очи и раце групно ја силуваат. Дали Лулу воопшто ќе се обиде да спаси нешто од бракот и од односот со ќеркичката Инес? Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Алмудена Грандес (родена 1960) е шпанска писателка. Студирала географија и историја. Во своите книги зборува за шпанскиот народ во последната четвртина од XX век и во првите години од XXI век. Нејзините дела имаат добиено многу награди и повеќето доживеале филмска екранизација.

Огнена Никуљски е преведувач и универзитетски професор во пен­зија. Родена е во Скопје, на 4 октомври 1951 година. Дипломирала на Universidad Católica del Peru во Лима, Перу. Од 1981 година до одењето во пензија во 2014 година предавала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, Македонија. Се занимава со превод и толкување. Автор е на неколку книжевни огледи и на голем број преводи од шпански, англиски и од српски јазик.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top