| четврток, 6 декември 2018 |

Драматичен пад на продажбата на компјутери

dete-kompjuter

Глобалната продажба на персонални компјутери падна на рекордно ниско ниво во првиот квартал од годинава. Стручњаците за падот го обвинуваат и новиот оперативен систем „виндоус 8“ .

Продажбата на персонални компјутери паднала за 13,9 проценти во првиот квартал од годинава, најголем пад откако фирмата „Интернашенл дата корп“ (ИДК) почна да ја следи продажбата во 1994 година. Од фирмата велат дека падот е двојно поголем од очекуваниот. Низ светот биле купени само 76,3 милиони персонални компјутери во првиот квартал од 2013 година, што значи пад од четврта година по ред.

Од ИДК велат дека причините за падот лежат во зголемената побарувачка за таблети и за паметни телефони, но и во фактот што производителите на персонални компјутери не успеаја да се спротивстават на технологијата за екрани на допир и на ултратенкиот дизајн на конкуренцијата.

„ Компјутерската индустрија не успеа да идентификува иновации кои ќе направат разлика меѓу персоналните компјутери и другите производи, со што ќе ги мотивираат купувачите, а притоа се соочуваат и со отпор кон поголеми промени“, соопшти компанијата ИДК.

Дополнителен проблем, според истражувачите на пазарот, е и воведувањето на оперативниот систем „виндоус 8“, кој има сличен изглед со системите што ги користат таблетите и паметните телефони, но од корисниците бара одново да го учат целиот процес на користење.

– За жал, воведувањето на виндоус 8 не само што не доведе до позитивен раст на пазарот на персонални компјутери, туку и дополнително го забави овој пазар – вели Боб Одонел, заменик-претседател на ИДК.

Најголем продавач на персонални компјутери на светскиот пазар и натаму останува „Хјулит Пакард“, и покрај тоа што продажбата на оваа компанија паднала за 24 проценти минатата година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top