Пандев, Трајковски, Ибраими, Андонова. Дали е ова најдобриот напаѓачки квартет што го има Македонија?
Андонова: Може да се каже дека во моментов овие фудбалери ја претставуваат Македонија надвор во европските држави и се најдобри.
Со оглед на тоа дека само ти си четвртфиналист во Лигата на шампионите, излегува дека ти си нашиот најдобар фудбалер?
Андонова: Од машкиот и од женскиот фудбал во Македонија останав само јас да ја претставува Македонија во Лигата на шампионите и излегува дека сум единствената и најдобра претставничка во најеминентното натпреварување. Оваа сезона играм во четвртфинале и ова за мене претставува голем успех и шанси за уште поголем и пласман до самото финале.
Дали можеше пред пет години, кога те пронајдоа како талент, да претпоставиш дека ќе дојдеш во ситуација да играш за европската круна?
Андонова: Мојот талент не беше спорен бидејќи во Македонија освоив сè што можеше да се освои. Мојот предизвик беше да играм во странство и тоа во една од најдобрите екипи. Моите игри понатаму во кариерата, поточно во Германија каде што настапував четири години, беа забележени од најдобрите европски тренери и тие потврдија дека сум играч со голем талент, а имав само 17 години. Подоцна стигнуваа понуди и беа заинтересирани повеќе екипи од Европа.
Читаме, слушаме. Андова гол, Андова два, не ретко и хет-трик. Колку е твојот објективен придонес за добрите резултати на Розенгард?
Андонова: По заминувањето од Германија во летниот преоден рок не направив пауза туку се приклучив кон мојот нов клуб, Розенгард од Шведска, каде што се пронајдов себеси и моите игри и голови придонесоа да го освоиме домашниот шампионат и да продолжиме на највисоко ниво во Лигата на шампионите. На 13 меча, колку што одиграв за Розенгард, постигнав 12 голови и ја поминав мојата соиграчка, Бразилката Марта, која е најдобра фудбалерка во светот за неполни три месеци.
Од Македонија преку Германија до Шведска. Дали е тоа вистинскиот пат?
Андонова: Така излезе дека е најдобро. Од Македонија до Германија, а сега половина година и во Шведска. Мислам дека го пронајдов вистинскиот пат каде што се чувствувам одлично и забележувам добри успеси со Розенгард.
Го освоивте домашниот шампионат, сега високо целите и во Лигата на шампионите. Во четвртфиналето ќе играте против Франкфурт, актуелниот европски шампион. Колкави се амбициите на твојата екипа?
Андонова: Точно така. Го освоивме шампионатот и нашите цели и дострели во Лигата на шампионите се да стигнеме до финале. Ждрепката за четвртфиналето сакаше да ни се падне европскиот шампион Франкфурт. Ќе дадеме сè од себе за да го поминеме следниот противник и да се пласираме во полуфиналето. Одиме чекор по чекор. За нас е голем предизвик да играме против Германките, но не се плашиме од никого бидејќи имаме одлична екипа. Секој противник е нов предизвик за нас.
Секогаш настапуваш и за македонската репрезентација. Да бидеме објективни, резултатите се катастрофални. Колку тоа може да придонесе за пад во формата и на клупски план?
Андонова: Сосема се согласувам со вас дека со репрезентацијата имаме катастрофални резултати. Тоа многу се одразува на мојата форма бидејќи кога се враќам кон клупските обврски, ми требаат неколку дена прво психички, а потоа и физички да се вратам во нормала. Тоа се должи на слабите резултати со македонската репрезентација, а во клубот играм со големи ѕвезди од целиот свет. Разликата е драстична на секое поле.
Дали има Македонија иднина во женскиот фудбал? Ги следиш ли помладите генерации и дали, можеби, има некои фудбалерки што можат да тргнат по твојот пат?
Андонова: За ова прашање сум скептична бидејќи 10 години наназад играм прво во клубови, па во репрезентацијата на Македонија и не гледам никаков напредок, напротив, женскиот фудбал оди наназад. Сите балкански држави и наши соседи страшно брзо одат напред со големи чекори и бележат одлични резултати со најсилните европски репрезентации. Ги следам и помладите генерации, но не можам да издвојам нешто посебно или некоја фудбалерка да отскокнува на повисоко ниво и да го продолжи мојот пат. Јас искрено ѝ посакувам на секоја млада фудбалерка што сака да ме замени да се посвети максимално професионално на фудбалот за да може да успее.
Уште како многу млада почна да настапуваш во фудбалска Европа. Пет години во Германија, сега и во Шведска. Можеш ли да направиш паралела на животот на професионалните спортисти кај нас и во светот?
Андонова: Заминав на неполни 16 години со мојата сестра Сијче Андонова и се соочив со голем предизвик и со високи дострели во фудбалот, почнувајќи во Германија. Почнав да настапувам во домашното германско првенство и во Лигата на шампионите. Пет години поминав во Германија и зад мене имам големо искуство, како животно, така и фудбалско. Секако дека во секој спорт има огромна разлика во светот и кај нас бидејќи професионалните спортисти во светот имаат прекрасни услови за да можат да успеат во тоа што го работат.
Разговараше: Бојан Момировски
(Интервјуто со Наташа Андонова е објавено во 170. број на неделникот Република, 4.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.