Од затишје преку целата година до неколку големи македонски концерти во декември. Во „Борис Трајковски“ пееја Тамара Тодевска и „Златните славејчиња“, а сега следуваат „Љубојна“ и „Нокаут“… Но, ако концертите се ретки – свирките не се. Повеќето македонски музичари преку целата година имаат свои договорени гостувања, иако и тие не се чести онолку колку што можеби беа пред некоја година.
Нашиот народ знае и сака да се весели, па еуфоријата и празничното расположение се чувствуваат на секое ќоше. Предновогодишни забави, свирки по кафулиња, денски тезги, корпоративни прослави, концерти по плоштадите – места и мегдани има многу.
Но, пејачите се сеќаваат и на подобри времиња, кога во овој период се заработуваше колку останатиот период од годината, колку од хонорарот, толку и од бакшишот. Колку е тоа така во последните две-три години?
– Во однос на другите години има огромна разлика, но се надеваме на подобри времиња – едногласно се согласуваат нашите соговорници, музичари кои во текот на годината често настапуваат низ земјава.
Како некој што е долго време на естрадата, Кристина Арнаудова е сведок на овие промени.
– До пред 5,6 години декември беше период кога немав слободен ден, секој ден имав или новогодишно снимање или настап или настан. Секако дека со тоа следуваше и заработувачка. Ни одблизу како онаа на нашите колеги од Србија, но, сепак, ја имаше – вели Арнаудова.
Пејачката вели дека друг проблем е и тоа што сега сѐ се сведува на една или на две новогодишни програми, бидејќи телевизиите увезуваат новогодишни програми, а настапи има само неколку.
– Нема ни споредба колку последниве години е падната работата. Но, не само за нас. Тоа значи дека ни дискотеките, ни компаниите не можат да нѐ платат. Економската состојба, генерално, е многу лоша за сите – смета таа.
Пејачот Александар Белов вели дека, иако преку целата година има доста работа, овој е најплодниот период, кога и самиот има најмногу настапи. Но, според него, разликата од порано и сега е доста голема.
– Порано не беше проблем да се договориш за настап со цена, а сега не е баш така. Тој период кога не се разговара за цена се сведе токму на овие два месеца, пред и по Нова година. Но, што е тука е, мораме да се надеваме на подобро, па и дека ќе се вратат убавите времиња. Сѐ е добро додека има работа – вели Белов.
И според пејачката Нина Јанева разликата од порано досега е огромна.
– Tоа повеќе може да се забележи кај колегите од народната естрада, бидејќи таа музика е најзастапена и најбарана за големите хотелски или ресторански прослави – смета таа.
Јанева вели дека е ангажирана некаде преку цела година и на редовни свирки и на приватни забави, па овој период не ѝ менува многу.
– Не сум од оние изведувачи што ги триплираат цените само затоа што е предновогодишен период, затоа што ниту јас, ниту мојот бенд не живееме и не опстојуваме од музика. Задоволна сум од соработката со големи македонски фирми кои досега нѐ ангажирале и сѐ уште нѐ ангажираат затоа што ние сме таков тип бенд што свири само светски хитови и строго забавна музика и немаме ниту интерес ниту аспирација кон нешто друго – вели таа.
И Александар Тарабунов овој период го доживува без многу возбуди околу настапите. Едно останало – предновогодишниот период бил и ќе биде плоден, но дали е доволно?
– Сега не се заработува колку за цела година, нормално, пред и за новогодишната ноќ, како и месецот потоа, има повеќе настапи за пејачите, бидејќи е таков периодот и сите се забавуваат повеќе, но не е ништо посебно, барем јас тоа така го доживувам – вели пејачот.
Пејачката Симона Попоска, пак, која настапува како дел од „Саунд месинџерс“ заедно со диџеј Ерик Фокс, вели дека овој период секогаш им е полн со обврски.
– Зимскиот и летниот период отсекогаш биле најдобри за работа и за заработка во однос на другиот дел од годината. Декември и јануари секогаш се најисполнети со настапи, но, затоа февруари, како што викаме, е „мртов месец“ – вели Попоска.
„Саунд месинџерс“ веќе го имаат закажано денскиот настап за 31 декември во кафулето „Чептер“ во „Сити мол“, но сѐ уште не одлучиле каде ќе свират таа ноќ.
Ни Тарабунов сѐ уште не решил каде за новогодишната ноќ. Вели, ќе избира меѓу повеќе понуди од општини низ државава, но дека има време, а во преговори за настапи е и Белов.
Јанева, пак, се надева дека ќе земе распуст од обврските и дека, како лани, ќе помине четири-пет дена на планина.
Многумина ќе се согласат дека Арнаудова ќе го има најдобриот дочек.
– Оваа година паузирам од сѐ, бидејќи веќе во јануари го очекуваме новиот член во семејството. Овој период растам и се одморам (се смее). Нова година ќе ја поминеме дома, со пријатели и со мојот голем стомак, кој не може да си дозволи многу шетање – се смее пејачката.
Пишува: Марина Костовска
(Текст објавен во 170. број на неделникот „Република“, 4.12.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст