Монографијата „Стела Слејанска-Стојаноска – пропагатор на современиот звук“ од Христо Стојаноски, којашто неодамна ја објави издавачката куќа „Нампрес“, ќе биде промовирана утре во 19 часот, во фондацијата „Никола Кљусев“.
Промотори на оваа монографија за еден од доајените на македонската пијанистичка уметност и истакнат универзитетски професор ќе бидат проф. Викторија Коларовска-Гмирија и проф. Тодор Светиев, а делови од ова капитално дело коешто го претставува севкупниот уметнички, научен и педагошки опус на Слејанска-Стојаноска ќе чита актерот Мите Грозданов.
Во рецензијата за монографијата за пијанистката којашто ја донесе „современата“ Франција во Македонија, но и ја однесе македонската музика во Франција, проф. Светиев одбележува: „Избирајќи ја Стела Слејанска-Стојаноска како личност на која ѝ е посветена оваа монографија, авторот Христо Стојаноски се осврнува на дејноста на еден наш еминентен музички уметник, со извонредно богата домашна и меѓународна професионална кариера, кој се јавува како извонредно значаен претставник и промотор на пијанистичката уметност кај нас. Со изработката на ваква монографија се остава траен документ што ќе го потврди континуитетот на македонските културни вредности и традиција. Нема сомнение дека ваквите трудови се од посебно значење за пополнување на многу недоволно истражени делови од македонската музичка историја за кои не постои систематизирана документација. Оттука, напорот на авторот Христо Стојаноски да обезбеди обемна документација за овој труд заслужува особена почит. Пишувана во јасно препознатлив стил, авторот Христо Стојаноски ја прави книгата читлива и интересна не само за стручната јавност туку и за широк круг читатели, кои ќе можат да сознаат многу детали за културниот живот и музичката традиција на Македонија и посебно за ликот и дејноста на Стела Слејанска-Стојаноска. Појавата на трудови од ваков профил заслужуваат безрезервна поддршка од нашата културна јавност, бидејќи, покрај научната и музиколошката вредност, носат сведоштва и благородни пораки како за професионалните музичари така и за многубројните љубители и почитувачи на музиката.“
Со организацијата на оваа промоција, семејството Стојаноски ја продолжува традицијата отпочната пред три години, на 12 декември – денот на роденденот на Слејанска-Стојаноска, под негово покровителство да се организира настан во чест на оваа култна личност на културата на македонскиот дваесетти и дваесет и први век.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст