| четврток, 6 декември 2018 |

ЕУ одобри уште 13 милиони евра за Македонија и Србија за бегалската криза

migranti na granica (1)

Европската унија (ЕУ) денеска ослободи нова итна хуманитарна помош од 13 милиони евра за Република Македонија и Србија, во насока на поддршка за справување со бегалската криза долж рутата на Западниот Балкан, јави дописникот на МИА од Брисел.

Еврокомесарот за хуманитарна помош и менаџирање на кризи, Христос Стилијанидис, денеска ја објави оваа вест, што е ново ветување за парична поддршка од страна на ЕУ на Македонија и останатите долж западно­балканската мигрантска рута, со оглед на тоа што и претходно беа ветени речиси 31 милион евра, но според македонскиот претседател Ѓорге Иванов, единствено се пристигнати 90.000 евра помош од Брисел. ­

Со оглед на тешките зимски услови со кои многу бегалци се соочуваат по должината на рутата на Западен Балкан, оваа дополнителна хуманитарна помош ќе им обезбеди на луѓето во неволја привремено засолниште, храна, здравство, вода и санитарни услови.

-Тоа ќе помогне да се намали притисокот врз веќе исполнетите капацитети на најпогодените земји, соопшти комесарот Стилијанидис.

Ова ново финансирање е ставено на располагање по одлуката на Европскиот парламент, но кое треба да биде официјално одобрено од страна на Европскиот совет следната недела.

Со денешното соопштение, Европската комисија извести дека вкупната хуманитарна помош од ЕУ за Западниот Балкан сега изнесува 21.740.000 евра, иако претходно беа ветени 17 милиони евра за Македонија и Србија и 24 милиони евра помош само за македонската држава. Овие дополнителни средства од 13 милиони евра за Македонија и Србија се во прилог на седумте милиони евра хуманитарна помош доделени од овогодишниот хуманитарен буџет на ЕУ од 200 милиони евра за кризата во Сирија и Ирак.

Почетниот износ од 1,74 милиони евра е претходно предвиден во 2015 година со цел да се избегне преклопување, па Европската комисија внимателно ја координира својата хуманитарна помош со комплементарно финансирање во рамките на претпристапните програми на ЕУ (ИПА и ИПА 2). Во моментов Европската комисија финансира 11 различни проекти за хуманитарна помош во Србија и Република Македонија со претходно определени средства што се обезбедени во последните неколку месеци. Тековните проекти финансирани од ЕУ се за привремено засолниште, вода, храна, примарна здравствена заштита, психо­социјална поддршка, заштита, како и зимска облека.

Во рамките на постојниот пакет помош на Унијата за земјите од Западен Балкан има посебен фокус на потребите на децата кои го сочинуваат постојано растечкиот удел на бегалците кои патуваат низ регионот. Според Еврокомисијата, од почетокот на годинава, повеќе од 900.000 луѓе пристигнале во Европа од страна на морето преку Грција и Италија, а во текот на ноември УНХЦР пресметале дека имало речиси 140.000 пристигнувања на европско тло, што е десет пати повеќе во однос на ноември 2014 година. Оваа година, повеќе од 83 проценти на бегалците и мигрантите пристигнале во Грција, од кои многу подоцна заминале низ Западен Балкан кон Западна Европа.
Со цел да се соочат со овој предизвик, на 25 октомври 2015 година, лидерите на погодените земји ­ долж миграцискиот пат на Западниот Балкан, меѓу кои и македонскиот претседател Ѓорге Иванов, во Брисел посветија Самит за зголемување на капацитетот на нивните земји за да им се помогне на оние кои имаат потреба. Тие притоа се согласија да ја информираат Европската комисија ако имаат потреба од каква било дополнителна надворешна помош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top