Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, заедно со претставници на Агенцијата за вработување и локалната самоуправа од Кавадарци, денеска ја посети кавадаречката компанија „Тд-Тд”, за која рече дека е успешна фирма, која ги има искористено владините мерки за вработување.
– Ние секогаш се трудиме да оствариме блиски контакти со компаниите во Република Македонија со цел да ги презентираме можностите и мерките кои ги нуди Владата на Република Македонија, да им помогнеме во изнаоѓање соодветен кадар кој понатаму можат да го вработат. Но, да ги слушнеме исто така и нивните сугестии и предлози за мерките кои ги реализираме, бидејќи тие мерки значат и нови вработувања, рече заменик министерот Спасов.
За кавадаречката компанија тој појасни дека го има дуплирано бројот на вработени преку двата проекта кои ги реализираат Агенцијата за вработување и Министерството за труд и социјална политика, преку мерката за вработување на млади до 29 години и проектот „Македонија вработува“.
– Овде досега, преку овие мерки, имаат околу 40 вработувања – рече Спасов.
Тој истакна дека преку овие два проекта, со првиот, кој се применува една година и осум месеци, а компанијата која вработува една година е ослободена од плаќање социјални придонеси и персонален данок, како и со вториот проект, кој трае 7 месеци и десетина дена, досега се вработени вкупно 18.346 лица. Од нив, дури 10.900 лица се млади до 29 години, нагласи Спасов.
Појасни дека околу 3.900 лица се на возрат до 35 години, а освен млади вработени се и над четири илјади повозрасни лица над 35 години кои биле невработени подолго од десет години, лица над 50 и над 58 години.
Заменик министерот Спасов најави дека продолжуваат со голем број активности со цел презентација на двата проекта кои ќе се реализираат до април, како и поттикнување на компаниите да ги искористат поволностите кои придонесуваат за намалување на невработеноста и поуспешни приватни компании.
Задоволство од мерките и пофалба за стимулациите изрази сопственикот на компанијата Трајче Иванов.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.