Во Москва во рамките на 17-от Меѓународен саем на интелектуалната книжевност Non/Fiction 2015 се одржа литературниот настан под наслов «Словенските средби» кој предизвика големо внимание на посетителите. На настанот присуствуваа дипломатски претставници на словенските земји, писатели, преведувачи, лингвисти и стручњаци по словенски јазици и литератури, обични читатели. Средбата ја водеше Jуриј Фридштејн, одговорен уредник на издавачката куќа «Центар за книга Рудомино».
Во настанот учествуваше голема делегација од Бугарија на чело со писателот Владимир Зарев кој пред публиката го претстави својот познат роман «Разруха» објавен на руски.
Александар Романенко како составител зборуваше за книгата «Ѝ се посветува на Jугославија» од едицијата «Мајстори на литературниот превод» која содржи дела од словенските, хрватските и српските писатели во превод на Олга Кутасова.
Македонската литература ја застапи Олга Панкина со промоција на едицијата «Македонскиот роман на 21 век». Како автор на овој значаен за македонската култура проект таа истакна дека проектот успешно се реализира при поддршка (преку конкурс за странски издавачи) на Министерството за култура на РМ во соработка со «Центар за книга Рудомино» при Серуската државна библиотека за странска литература.
На руски веќе се објавени романите: Храпешко од Ермис лафазановски (со слика од Сергеј Андреевски на корицата) 2014; Водена пирамида од Луан Старова (со слика од Васко Ташковски) 2015 и Дваесет и првиот од Томислав Османли (со слика од Илија Пенушлиски) октомври 2015. Остварувањата на Олга Панкина на дело придонесуваат за ширење и афирмација на македонските книжевни и ликовни вредности на големото руско јазично подрачје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.