Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, синоќа во Брисел оствари средба со еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, со кого разговарале за успешно спроведување на приоритетните мерки и организирање на успешни избори во Македонија во април идната година.
Хан бил задоволен од позитивниот развој на настаните во македонската држава и ветил дека во случај да се спроведат приоритетите и изборите на најдобар начин, дека во тој случај и Еврокомисијата и земјите-членки на Европската унија ќе дадат силна поддршка за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
– Разговаравме околу сите препреки што ги надминавме во рамки на политичкиот дијалог и мерките што се превземени, како и приоритетните реформи во Република Македонија. Мислам дека со тоа што досега го остваривме изненадивме многумина и мислам дека ќе и ја олесниме задачата и на Европската комисија која и оваа година препорача дека е време да започнеме со преговори, истакна министерот Попоски во изјава за МИА по средбата.
Македонскиот шеф на дипломатијата додаде дека приоритетите што се и услов за препораката на ЕК за Македонија, дека земјата е на добар пат да ги реализира и во овој момент сите очи се насочени кон реализацијата на успешни избори во април следната година, по што, според Попоски, веројатно и изгледите за добивање на силна поддршка од земјите-членки на ЕУ за почеток на преговорите ќе бидат многу подобри.
– Со комесарот Хан разговаравме отворено и мислам дека тој стои на својата оценка дека Комисијата би сакала да види ваков развој на настаните во Република Македонија. А, тоа би значело успешно спроведени приоритети на кус рок, спроведени парламентарни избори и потоа силна поддршка од земјите-членки за почеток на преговорите, дециден е Попоски.
Во вториот дел од разговорите на синоќешната средба Попоски-Хан во Брисел, тие дискутирале и за мигрантската криза. Македонскиот министер вели дека со еврокомесарот констатирале дека се забележителни подобрувања во комуникацијата со нашите соседи, но дека ова прашање ќе мора да биде затворено на ниво на Европска унија, односно со нивна помош.
– Ангажирањето на Фронтекс од другата страна на јужната македонска граница е нешто што може да ја подобри таа ситуација. Ние сме охрабрени и од поддршката што е дадена од поголем број на земји-членки за канализирање на мигрантите до точки за регистрација каде што би можело да биде реализирана регистрацијата и да се овозможи нивен хуман и безбеден транзит по европскиот безбедносен коридор до крајната дестинација во Европската унија, додава Попоски.
Двајцата соговорници, во дискусијата констатирале дека е најважно наскоро да се договори составот на Државната изборна комисија (ДИК), а во догледно време и да се најде европско решение за медиумската состојба во Македонија, со носење на Закон за медиуми според пример на некоја земја-членка на Европската унија, бидејќи како земја-кандидат, Македонија е и обврзана да го усогласува сопственото со законодавството на Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.