Бројот на џихадистички борци во Сирија и во Ирак во последните 18 месеци двојно е зголемен и изнесува најмалку 27.000, објави Институтот специјализиран за анализа на разузнавачките податоци (СОУФАН) со седиште во Њујорк.
– Во Сирија и во Ирак во моментот се наоѓаат од 27.000 до 31.000 странски џихадисти по потекло од 86 земји. Бројката е повеќе од двојно зголемена од последното истражување, спроведено во 2014 година, кога беа еведентирани 12.000 борци, и покрај меѓународните напори да се намали приливот на странски милитанти, кои патуваат за Сирија, се посочува во соопштението на СОУФАН.
Според СОУФАН, од земјите од Западна Европа пристигнуваат најголем број симпатизери на Исламска држава, вкупно 5.000 лица, меѓу кои 1.700 Французи. Од Блискиот Исток пристигнале 8.240, а најбројни се од Саудиска Арабија – 2.500, од земјите од Магреб се 8.000 борци од кои 6.000 се од Тунис.
СОУФАН наведува дека бројот на борци од Русија и од земјите од Централна Азија е зголемен за 300 проценти и изнесува 4.700 од кои 2.400 се руски државјани. Во Ирак и во Сирија пристигнале околу 2.100 Турци.
Од 20 до 30 отсто од странските џихадисти се враќаат во земјите од кои потекнуваат, каде се зголемени терористичките напади. ИД презеде одговорност за минатомесечните напади во Франција, во кои загинаа 130 луѓе и за неколкуте напади во Тунис.
Податоците на СОУФАН се засноваат на владини податоци, на информации од меѓународните организации и на институтите кои ги истражуваат податоците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.