Денеска во ТИРЗ Бунарџик започна со работа фабриката за производство на инфлатори за воздушни перничиња АРТ Аутомотив Македонија, инаку инвестиција на американската компанија „Кап кон“.
На пуштање во употреба на новата фабрика присуствуваше премиерот Никола Груевски, министерот за финансии Зоран Ставрески, заменик-министерот за економија Христијан Делев, како и директорот на ТИРЗ Виктор Мизо и Главниот извршен директор на „Кап кон“, Али Алхаџ.
– За една недела во Македонија се одбележаа четири фабрики. Тоа одамна се нема случено – истакна премиерот Груевски.
-Ова е доказ за интересот за инвестирање во нашата држава, потврда за постојните рангирања на земјата како една од најдобрите бизнис-дестинации во Европа. Европската банка ја рангираше на 6 место во Европа и 12 во светот. Тоа е и потврда на трендот на намалување на невработеноста кои го нотираа сите меѓународни институции- истакна Груевски и додаде дека листата на големи и мултинационални компании од светот кои имаат свои фабрики во Македонија од денеска се зголемува и со американскиот инвеститор „Кап кон“.
Фабриката, посочи, поседува најмодерна опрема и високософистицирани производни линии со што верува дека ќе биде предизвик за сите стручни кадри од Македонија кои ќе се пронајдат во нејзиното работење.
-Првичната инвестиција се проценува на 18 милиони долари, новата фабрика ќе отвори 400 нови работни месеа, првите 75 лица се веќе вработени и започнаа со работа. Компанијата ќе биде извозно ориентирана и ќе произведува инфлатори за воздушни перничиња, примарно наменети за европскиот пазар, подвлече Груевски и додаде дека радува фактот што плановите на инвеститорот не запираат тука и во иднина се планира инвестирање во технички центар на компанијата кој ќе биде дополнителна инженерска поддршка на целиот капацитет.
Груевски ја поздравви отвореноста на компанијата за соработка со повеќе македонски компании кои би можеле да обезбедуваат материјали за потребите на АРТ Аутомотив Македонија.
-Најголема придобивка од отворањето на новата фабрика е вниманието што ќе го предизвика кај сите останати компании кои сѐ уште размислуваат се интересираат и ги истражуваат можностите за влез во нашата земја. Новите фабрики се нашиот најголем промотор и се надевам дека примерот на „Кап кон“ ќе го следат уште многу светски компании- наведе Груевски.
Во ТИРЗ-овите АРТ Аутомотив Македонија ќе биде сосед со „Вистеон“, „Џонсон мети“, „Технохозе“, „Кемет електроникс“, „Ван Хул“, „Продис“, „Диатек“, а во следниот период и „Монтанте груп“.
-Таквиот тренд на нови инвестиции и отворање нови фабрики во Македонија ќе продолжи и во наредниот период, затоа што Владата е во длабоки преговори со многу компании, дел од нив се во финална фаза- посочи Груевски.
Премиерот истакна дека, можеби, за политичкиот опонент овие инвестиции се виртуелни и непостоечки, но дека граѓаните се тие што гледаат, работат и земаат плата од овие фабрики.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.