Од 8 до 11 декември во Скопје ќе се одржува нов Зимски поетски фестивал, во рамките на манифестацијата Струшки вечери на поезијата. Зимскиот поетски фестивал (ЗПФ) е востановен како дел од настојувањата за институцијата Струшки вечери на поезијата за интензивна културна активност на СВП насекаде во земјава и преку целата година.
– Во таа насока настаните кои се одржуваа во август не може да го покријат интересот на целата публика, особено не на академската, која претставува целна публика на Зимскиот фесивал и ќе овозможи нов начин на презентција на поетските вредности на врвни светски автори. Не случајно фестивалот ќе се реализира во академските центри во РМ, што на некој начин е должност на СВП како национална институција да овозможи таква културна програма и квалитет пред заинтересираната академска публика – истакна директорот на СВП, Мите Стефоски, денеска на конференцијата за печат во Струга.
Зимскиот поетски фестивал е надополнување на летниот, особено што во фокусот се четворица врвни автори, тројца странски и добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“, кои низ три различни приоди ќе бидат презентирани. Учесници на првиот Зимски фестивал се Мохамед Бенис од Мароко, Александар Шурбанов од Бугарија, Душко Новаковиќ од Србија и добитникот на најпрестижната награда за книжевност во РМ „Браќа Миладиновци“, Виолета Танчева-Златева од Македонија.
Мохамед Бенис е еден од најзначајните поетски гласови во арапската литература. Долги години предавал на Факултетот за уметности на Универзитетот „Мохамед V“ во Рабат, Мароко. На негова иницијатива во 1999 година УНЕСКО го прогласи 21 март за Светски ден на поезијата. Тој е автор на повеќе од триесет книги, меѓу кои и четиринаесет поетски збирки, студии за мароканската и модерната арапска поезија. Неговите поетски и други книги се преведени и објавени на француски, шпански, италијански, македонски и дански јазик. Наградуван е со бројни награди, меѓу кои со „Книжевната награда на Мароко“ во 1993 година за поетската книга „Дарот на празнината“, француската награда „Гран при Атлас“ за преведувачката дејност во 2000 година, наградата „Примио Калопецани“ (Италија) на медитеранската литература во 2006 година, „Интернационалната награда за литература Ферониа“ (Италија) во 2007 годнина, „Ал Уваис“ (Дубаи) за целокупното поетско творештво во 2008 година, „Магребската културна награда“ (Тунис) во 2010 година, „Интернационалната награда Цепо Пистоија“ (Италија) во 2011 година и француската „Макс Жакоб ‘Étranger’ награда“ во 2014 година.
Александар Шурбанов е еден од најзначајните современи бугарски поети и писатели. Тој е и професор по англиска литература на Универзитетот во Софија, но предавал и на универзитетите во Лондон, Лос Анџелес, на Државниот универзитет Њујорк во Албани и други, а почесен доктор е на Универзитетите во Кент и Сури, во Британија. Врвен преведувач, кој на бугарски ги превел Џефри Чосер, Џон Милтон, Вилијам Шекспир, Рабиндранат Тагоре, Дилан Томас, Тед Хјуз и др. За своето поетско творештво добил престижни награди, како Државната награда за придонес во културата „Христо Г. Данов“, почесна награда „Аскер“ за креативно истакнување и придонес во театарската уметност, бугарската државна награда за литература „Гео Милев“.
Душко Новаковиќ е едно од најзначајните поетски имиња во современата српска литература. Добитник е на многу награди за поезија и за поетски опус: Млада Струга, на Змајева награда, Дисова, Ракиќева, Миљковиќева, на наградите што ги носат имињата на Васко Попа, Ѓура Јакшиќ, на наградите Арс Лонга, Исток/Запад, и наградата на Градот Белград за исклучителен придонес за српската литература. Поезијата на Душко Новаковиќ е преведена на повеќе од дваесет јазици. Тој е еден од најзначајните преведувачи од македонски на српски јазик.
Виолета Танчева-Златева е актуелен добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга објавена на македонски јазик меѓу две изданија на фестивалот. Сосема природно е добитникот на најпрестижната награда за книжевност во државата да биде претставена со поетски портрет.
– Сите тие автори се објавени во едицијата плејади чие творештво ќе стигне до читателската публика. Вториот приод е во рамките на самиот фестивал ќе имаат можност да одржат автопоетички предавања на Филолошкиот факултет „Блаже Коневски“ во Скопје да се осврнат на значајни теми за поезијата, нејзината судбина, перспективите и она што е актуелно. Во рамките на попладневните активности да можат на пошироката публика да и овозможат увид во нивното творечко остварување во разговор со информиран модератор, да може да предизвикаат интерес кај публиката – рече Стефоски.
За иднина СВП планира да организира и други вакви активности со што ќе ја прошири својата дејност и ќе овозможи поетското творештво да допре насекаде да биде презентирано и да се инсистира на тоа што и досега ги одликуваше Струшките вечери да ги донесе врвните поетски творци во Македонија. СВП планира за наредните години да го прошири Зимскиот фестивал и на универзитетите во Битола, Штип, Охрид , Тетово итн., каде што ќе бидат организирани вакви културни активности.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст