Целосно е завршено реконструирањето на Галеријата „Никола Мартиноски“ во Крушево, завршува обновата на уште една фасада на куќа од староградска архитектура, досега седма во овој град. Направена е и ограда околу Македониумот – споменикот на Илинден, кој ќе почне да се реконструира откако ќе заврши тендерската постапка.
По повод овие проекти кои се реализираат со средства од Министерството за култура, денеска Крушево го посети министерката Елизабета Канческа-Милевска.
– Реконструкцијата опфати партерно уредување, оградување на просторот, завршена е и фасадата во првата фаза – во уредувањето на екстериерот. Денеска можеме да видиме дека е и ентериерно целосно завршен, направена е конзервација на целокупниот простор, на сите таваници, на дровото во Галеријата. Сменета е електричната инсталација, која беше специфична и неопходна, како и санитарните јазли во објектот, изјави министерката за култура.
Во реновираната Галерија се поставени 62 оригинални слики на Мартиноски, а презентирани се и етнолошки предмети и автентични крушевски одаи.
Во близна на Галеријата е и семејна куќа – споменик на културата, на која е во завршна фаза обновата на фасадата. Се очекува да биде готова за десетина дена.
– Оваа фасада е седма од завршените во Крушево, од Проектот за обнова на фасади во старите градски јадра – рече Канческа-Милевска.
Според Програмата на Завод и Музеј Прилеп за обнова на фасади до 2020 година, за крушевското градско јадро се планирани уште 10 фасади во центарот на градот, куќи што веќе триесетина години имаат статус на споменици на културата.
За Македониумот, пак, Канческа-Милевска рече дека е завршено оградување на објектот пред да почне партерното уредување, а завршен е и проектот за реконструкција за кој е надлежен Завод и Музеј Прилеп.
Директорот на Историскиот музеј Зоран Богески рече дека оградата околу Македониумот е долга 700 метри, но во втората фаза ќе опфати и хортикултурно уреден простор и ќе биде вкупно долга 980 метри.
– Со ова се планира споменичниот комплекс да добие организирана целина, со пешачка зона и патека која доаѓа до споменикот, дрвореди, жардиниери, бунгалови. Сето тоа е ненаметливо за самиот простор и не ја нарушува неговата автентичност. Имаме контролиран електронски влез и излез на просторот, кој ја зголемува и безбедноста и организацијата на посетителите, истакна Богески.
За оградувањето на Македониумот од Министерството за култура се одвоени 2.800.000 денари. За досега завршените фасади се одвоени околу 14 милиони денари, а за Галеријата „Никола Мартноски“ – околу 1.200.000 денари.
Покрај овие крупн проекти, има и други во Крушево, кои се реализираат со поддршка на Министерството за култура и Општина Крушево. Меѓу нив е уредувањето на поставката во Историскиот музеј, што се планира за идната година, а во Спомен-куќата на Тоше Проески ќе продолжи музичката работилница, која како проект беше воведена минатата година со предавања за гитара на Влатко Стефановски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст