Активните мерки за вработување ги даваат очекуваните резултати. Тоа го потврдуваат и последните статистички податоци, според кои преку проектот „Македонија вработува“, за седум месеци се вработени вкупно 10.100 лица во 6.750 компании низ земјава. Проектот се покажа како повеќе од одличен и ефективен, сметаат и надлежните и познавачите на пазарот на труд.
„Многу сум задоволен од овој проект. Нашата цел е да се зголеми бројот на вработувања. Бројката расте секој ден, луѓето ги користат и доаѓаат до свое вработување, а значајно е што и компаниите добиваат многу затоа што има многу поволности за компаниите кои што вработуваат преку овој проект“, изјави вчера премиерот Никола Груевски.
Самата бројка покажува дека резултатите од активните мерки за вработување се повеќе од позитивни. Корисни се и за самите работодавачи, затоа што им носи материјална заштеда, а додека пак невработените лица добиваат работно место. Со тоа стапката на невработеност се намалува, а пак компаниите имаат стимул и можност да го унапредат својот бизнис. Мерките се разновидни и вклучуваат широк дијапазон на можности и групи на лица кои подолго време се невработени. Станува збор за вработување на лица кои се од различни ранливи категории или млади лица, стечајци, бранители, самохрани родители, деца без родители, еднородителски семејства, лица на возраст над 50 години и над 58 години со посебни поволности, лица кои над 10 години немале вработувања и слично.
„Субвенциите од државната каса за отворање нови работни места се добредојдени. Бенефитот е голем. Компаниите имаат чувство, да ги препознаат добрите, квалитетните работници кои понатаму можат да бидат дел од компанијата“, вели претседателот на Конфедерацијата на работодавачи, Миле Бошков.
Станува збор за крупен проект од кој корист имаат невработените, компаниите и државата. Слободанка Алексовска, од Центарот за вработување на Скопје, вели дека мерките се користат во зависност од тоа што бараат работодавачите.
„Најатрактивните мерки зависат од дејноста или од моменталната потреба на компаниите. Има мерки со кој се купува одредена опрема, тоа е финансиска поддршка во вид на грантови, има мерки со кои се подржуваат различни видови на субвенционирани вработувања, тоа се парични износ по бруто месечна плата, има мерки за практикантство и обука кај работодавачи, мерки кои вклучуваат евтини кредитни линии, мерки за самовработување. Резултатите се големи, сите мерки се користат во зависност од тоа што бараат работодавачите“, објаснува Алексовска.
Малите фирми најчесто ги користат мерките
Според структурата на вработените, компаниите со помош на активните мерки најмногу вработуваат млади лица, на возраст од 16 до 35 години. Сѐ повеќе се вработуваат и млади лица до 29 години. Интересно е тоа што компаниите имаат интерес и за постари и поискусни работници, од над 50 години. Мерките за вработување од „Македонија вработува“ ги користат компаниите низ цела Македонија, но најмногу се сконцентрирани во Скопје, Тетово, Гостивар, Струмица и Прилеп.
Според надлежните, покрај намалување на невработеност овој проект има за цел и да им помогне на македонските компании да ги намалат трошоците за отворање нови работни места, за проширување на нивниот бизнис, да ги намалат трошоците за исплата на плати и придонеси за секое ново вработено лица и да ги пренаменат за развој на нивниот бизнис. Така, над 90 проценти од компаниите кои ги користат активните мерки за вработување се микро и мали бизниси.
Преку мерките за вработување, со ослободувањето од придонеси секоја компанија за едно вработување има месечна заштеда од околу 150 евра или 1.800 евра на годишно ниво. Во периодот од една година овие компании ќе добијат ослободување од околу 14 милиони евра, а за три години над 42 милиони евра, кои пак можат да ги пренасочат за развој на бизнисот. Според експертите, тоа претставува директна помош за македонската економија.
Невработеноста на историски ниско ниво, компаниите бараат нова работна сила
Според последните податоци на Државниот завод за статистика, стапката на невработеност се спушти на историски ниско ниво од 26,8% и континуирано продолжува да се намалува, како што се отвораат новите работни места со помош на мерките за вработување и со отворањето на нови компании и странски инвестиции.
Токму владините мерки за вработување може да бидат од голема помош и големо значење за самите работодавци и за работниците. Податоците покажуваат дека над 65 % од лицата кои поминале низ програмите продолжиле да работат во компанијата со трајно вработување, вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Статистиката покажува дека во третиот квартал стопанските субјекти имале 7.155 слободни работни места. Најголем дел од позициите, 2.269 биле во преработувачката индустрија, следуваат трговијата на големо и на мало, и поправки на моторни возила со 1.328, додека во градежништвото имало потреба за 725 слободни работни места. Во секторот транспорт и складирање биле огласени 553 работни позиции.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.