Активностите што во Македонија ги превземаме се целосно усогласени со препораките на Европската Унија. На претпоследниот самит беше истакнато дека земјите низ чии територии поминуваат мигрантите или бегалци треба меѓусебно да се координираат и да ги усогласат ставовите, истакна министерот за одбрана Зоран Јолевски, на трибината ”Мигрантска криза” во организација на Институтот Павел Шатев.
-Словенија како земја членка на ЕУ, заедно со Хрватска и Србија побараа да се дозволи непречено движење на мигрантите кои што доаѓаат од земјите кои што се засегнати со воени дејствија, Сирија, Ирак и Авганистан. Македонија согласно тие ставови на овие земји ги пропушта овие мигранти без никакви задржувања. Правиме се што е можно ова нивно патување да биде што похумано. Организиран им е превоз од Гевгелија до Табановце, соодветно се прифаќаат во транзитниот центар во Гевгелија. Она што се случува на грчката страна од границата е незадоволство е на економските мигранти, тоа се луѓе кои не бегаат од опасност, туку сакат да појдат во Европа за подобра економска егзистенција- рече Јолевски.
Според министерот за одбрана тензиите ги создаваат економските мигранти и од тие причини ЕУ ја испраќа нивната гранична служба на границата меѓу Грција и Македонија со цел да се создаде ред.
-Овие тензични состојби се на територијата на Грција и се надеваме дека ќе се надминат- рече Јолевски.
Министерот истакна дека војниците кои се распоредени на јужната граница имаат услови за работа и потенцираше дека се прави се што е најдобро за војската.
-Армијата се покажа спремана и во рок од 2 дена армијата ја постави ограда на границата од 3 километри. Се правиме што е најдобро за војската. Војниците на границата седат по 7 дена, после тоа се ротираат и се враќаат во касарните. Овој процес ќе трае подолго- рече Јолевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.