| четврток, 6 декември 2018 |

Кери: Проблемот со бегалците не е ниту грчки, ниту европски, туку светски

САД ја поддржуват Атина, изјави на грчки јазик американскиот државен секретар Џон Кери по средбата со шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, информира грчкото електронско издание Њуз ин.

Двајцата дипломати денеска разговараа во Атина, каде Кери е во работна посета.

-Ја поздравуваме спогодбата на Грција со кредиторите и тешко завршената работа на нејзина примена, подвлече Кери. Тој забележа дека се потребни уште напори, но изрази увереност дека Грција ќе продолжи да ги применува реформите.

Американскиот државен секретар кажа дека Грција сериозно работи врз регистрацијата на бегалците кои пристигнуваат од Турција, потсетувајќи дека проблемот не е ниту грчки, ниту европски, туку светски.

Кери соопшти дека Вашингтон на Високиот комесаријат за бегалци на ОН ќе му додели уште 24 милиони долари за активностите поврзани со бегалците, како на пример формирањето центри за сместување во Грција.

Грчкиот министер Кодѕиас, од своја страна, забележа дека неговата земја е фактор на стабилноста во регионот, оптоварен со многу проблеми. Тој се заложи за политичко решение за кризата во Сирија, барајќи праведно распределување на тежината во однос на бегалците.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top