– Пред четири години ми беше дијагностициран рак на белите дробови. Докторите не беа оптимисти… Требаше да почнам да се збогувам со најблиските… засекогаш. Шест месеци. Најмногу една година. Не сакав да ја прифатам реалноста. Не, јас нема да го напуштам овој свет само 50 години откако првпат сум ја видела светлината. Сакам да бидам тука за свадбата на моите деца. Сакам да ја видам мојата ќерка во бел фустан. Сакам внуци… Не се предавам. Со сопругот почнавме да бараме секакви леков – од бајачки до современа медицина. Прочитавме за лекот од марихуана… Некако ни звучеше премногу опасно. Тоа е дрога. Но сѐ почесто слушавме за неверојатното дејство на маслото од канабис. Не ни остана ништо друго. Преку луѓе најдовме контакт од девојка што посредува за набавка на такво масло. Испративме дијагноза, чекавме одговор од странска држава. По некое време ни јавија дека маслото пристигнало. Нутриционист ми направи исхрана што влијае врз ширењето на подмолната болест. Го користев маслото и се придржував на исхраната. По шест години сѐ уште го правам тоа. Кога по два месеца користење на маслото отидов на лекар, тој беше изненаден. Ме праша дали пијам нешто. Му кажав за нутриционистот, а за канабисот… Ја наведнав главата и веројатно направив некој израз на лицето од кој сфати дека правам нешто „недозволено“. Докторот само рече – што и да правите продолжете да го правите. Болеста не напредува… Дури и се намалува – вака една педесет и шестгодишна жена од внатрешноста ја раскажува историјата на својата борба со подмолната болест.
Таа е само една од многуте Македонци, кои се обидуваат да го решат својот здравствен проблем со лек што нелегално се носи во Македонија. Има и поинакви приказни – го користел маслото неколку месеци, ефектот бил никаков, болеста неконтролирано се ширеле. Сепак, не е добар секој лек од канабис. Некои успеале да стигнат до квалитетен лек, кој, навистина, помага. Други, пак, од незнаење, неинформираност биле жртви на измама на дилерите. Продаден им е лек што воопшто не ја подобрил нивната здравствена состојба.
Има ли доволно докази за ефектот?!
Хрватска неодамна, на некој начин, ја легализираше употребата на маслото од канабис. Во Македонија почна дебата. Министерот за здравство, Никола Тодоров, преку отворена дебата ја почна процедурата за преиспитување на поволностите што би ги имале граѓаните доколку ова масло биде легализирано. Написите во весниците или сведоштвата на луѓето не се доказ дека канабисот лекува рак. Се смета дека досега нема доказ кој е цврст или доволно силен за лекарите да почнат да го препишуваат овој лек. Останува нејасно и кој тип канабиноиди се ефикасни, кои се дозите на некои канабиноиди што можат да помогнат, а кои се дозите на канабиноиди што можат да направат поголеми штети. Некои истражувања покажуваат некакви ефекти на канабиноидите врз клетките на рак, некои, пак, покажуваат повреда на клучни клетки во крвните садови. Во некои случаи канабиноидите можат дури да поттикнат и пораст на канцерогените клетки, но и други многу негативни ефекти, во зависност од употребата. Сепак, има истражувања што велат дека со комбинација на хемотерапија со терапија со канабиноиди може да се постигне добар ефект.
– Немаме доволно клинички студии што покажуваат дека употребата на марихуаната го лекува ракот. Испитувањата покажале дека таа кај болните има ефекти за намалување на болката, но треба да се докаже дека има антитуморен ефект. Не смее да се заборави фактот дека употребата на маслото од марихуана во комбинации со терапиите што им ги даваме на болните доведува до компликации. Едно е што читаме на интернет, но други се резултатите во медицината – смета доктор Милан Ристевски, директор на Клиниката за онкологија и за радиологија.
Доктор Игор Кузмановски од Клиниката за неврологија вели дека користењето на канабисот влијае ефективно врз намалување на мускулните грчеви кај мултиплекс склерозата, како и за редукција на болки. Но, сепак, додава тој, нема валидни докази дека ги лекува самите болести.
Дали легализацијата на овој препарат ќе го поттикне порастот на бројката на зависници?! Д-р Дарко Крстевски од центарот за зависници „8 Септември“ смета дека е многу значајно да се направи разграничување меѓу корисниците на дрога во рекреативна цел и тие што ја користат во медицински цели.
– Доколку се легализира маслото од канабис, нема да имаме дополнителни зависници од масло, бидејќи младите, чијашто цел е ритуалното, противзаконско набавување и користење на тревата, нема да го препознаат како алтернатива – вели д-р Крстевски.
Лекува сѐ, но не и сида
Рик Симпсон е активист-поборник за легализирање на медицинска марихуана. Рик се излекувал себеси од метастатичен рак на кожата во 2003 година и оттогаш го посветил својот живот на ширењето на вистината за маслото од канабис сатива.
Рик третирал пациенти болни од сите типови зарази и болести, вклучувајќи сида, рак, артритис, мултиплекс склероза, дијабетес, леукемија, Кронова болест, депресија, остеопороза, псоријаза, инсомнија, астма, мигрени, регулација на тежината на телото, хронична болка и мутирани клетки. Поголемиот дел од пациентите биле успешно излекувани, освен тие што биле болни од сида, кои, секако, маслото го користеле за ублажување на болките.
Се бара храброст
Тие што се залагаат за легализација на канабисот во медицински цели велат дека со првиот чекор нема да се донесе најдобриот лек во земјава, но, сепак, е чекор напред, кој дава верба дека во догледно време билката ќе биде легална за употреба во форма што е најдобра за човековото здравје.
Еден од поборниците за легализација на марихуаната е македонскиот пејач Џон Илија Апелгрин. Тој за оваа билка се интересира откако загубил член во семејството поради подмолната болест. Денес, вели тој, жали што во 1995 година, кога неговата мајка била болна од рак, интернет не бил толку достапен и немало доволно информации.
– И мојата мајка замина, канцерот ја совлада. Во таа 1995 година интернетот беше недостапна алатка за информации. Не можев да располагам со сознанијата што ги имам денес, ниту, пак, за опциите што стојат на располагање. Да ми кажеше некој дека постои начин како да ја излекувам мајка ми, немаше да ми биде важно дали кршам некој закон или не. Но, не знаев – посочи во една пригода Апелгрин.
Во конверзација со луѓе што ја имаат маката со подмолната болест, формирано е и здружението „Канабис клуб“, кое е еден од виновниците што се наметна отворената дебата во државата за тоа дали маслото од марихуана треба да биде достапно во земјата на легален начин.
– Проучувањето на податоците никако не треба да биде од само еден извор, туку треба да се прочитаат спротивставени мислења, да се зачепка малку подлабоко и да се дојде до некаков став за проблематиката за која сакаме да се информираме. Неброени се изворите на информации за лековитите својства на канабисот во третманите на повеќе болести. Неброени се и информациите дека канабисот нема никакви лековити својства, но доколку ве интересира кој ги пласира вториве информации, ќе забележите дека тоа се државни установи, доктори што се сопственици на клиники „за хронични болки” и медицински лица, кои работат во интерес на фармацевтските гиганти – посочи во една пригода Апелгрин.
Тој смета дека медицинската фела мора да се заинтересира за можностите што ги нуди ова масло. Здруженијата што се залагаат за легализација сметаат дела повеќето од пациентите во земјава почнуваат да го користат маслата кога веќе легалната медицина не може да направи ништо, кога ќе ги пратат дома. Според нив, дури и тогаш има ефект, голем број од пациентите преживуваат.
– Многу луѓе во Македонија го користат маслото, но не зборуваат јавно. Исклучок се малкумина што имаат храброст – вели Филип Достовски од „Зелена алтернатива“.
Тој не се согласува со докторите што тврдат дека нема доволно докази дека канабисот лекува тешки болести.
– Сум видел луѓе што се излекувале од напредни фази на канцер со маслото од канабис. Јас и самиот имав такво искуство. Сѐ што кажавте пред малку е неточно, не можете да ги спречите луѓето да се информираат на интернет – додава тој.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 169. број на неделникот „Република“, 27.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


