| четврток, 6 декември 2018 |

Инвестиција што ги преполовува сметките

Градење енергетски ефикасни домови е единствен начин да се заштеди до 50 проценти енергија, а тука некаде е и заштедата во сметките. Инвестицијата во овој дел многу брзо и повеќекратно се враќа, а придонесува и за зголемување на комфорот на живеење. Материјалот од која се гради, но и добрите прозорци и врати што се поставуваат, се пресудни за пониски трошоци за сметки на секое семејство

Како да се заштеди во зима? Како сметките за греење да бидат пониски за да може семејниот буџет да ги издржи и финансира? Одговорот е едноставен, вложување во енергетски ефикасни градби, кои во зима ќе можат побрзо да се загреваат и подолго време да држат топлина, а во лето побрзо и полесно да се ладат, како и внимавање при трошење на енергијата, при што се заштедува до 50 проценти енергија, а тука некаде е и заштедата во сметките. Токму затоа граѓаните, но и градежните фирми сѐ повеќе се ориентираат кон градење енергетски ефикасни домови бидејќи тоа е единствен начин да се заштеди. Инвестицијата во овој дел многу брзо и повеќекратно се враќа, а придонесува и за зголемување на комфорот на живеење. Материјалот од која се гради, но и добрите прозорци и врати што се поставуваат се пресудни за пониски трошоци за сметки на секое семејство понатаму.

– Нормално дека се штеди кога ќе се инвестира во нова фасада, нови прозорци за изолација на домот. Тоа што треба граѓаните да го знаат и прават е да се потрудат да ги направат сите тие мерки во домовите, сите тие изолации најдобро што може за да заштедат најмалку 50 проценти од својата енергија – вели Александар Дуковски, директор на Агенцијата за енергетика.

Според него, со секоја класа за која се подобрува еден објект, за 30 проценти се подобрени условите за греење.

– Во еден добро изолиран стан од 60 квадратни метри сметката за греење не би требало да биде повисока од 1.000 денари за еден месец. Во последно време се вградуваат сѐ подобри материјали за градење на станбените објекти, со оглед на тоа дека и самите градежници имаат обврска сите градби да ги прават енергетски ефикасни со класа над Ц. Тие материјали што сега се вградуваат понатаму ќе бидат сѐ подобри и енергетски поефикасни – објаснува Дуковски.

Досегашните енергетски пасоши доставени до Агенцијата за енергетика покажуваат добар одѕив на граѓаните и на градежните фирми во изработка на новите објекти и повеќето се во категорија Б или А, што е одлична енергетска ефикасност.

– Со ваквиот тренд нашите градби се речиси на исто ниво како европските за изолиран животен и работен простор. И граѓаните сѐ повеќе и повеќе се информираат и кај градежниците и кај нас и кај енергетските контролори што треба да ги ангажираат за да им дадат совети за подобра изолација на домот така што имаме сѐ повеќе повратни информации од граѓаните дека се свесни за енергетска ефикасност, а воедно и како да ја подобрат комфорноста на животот во стан – објаснува Дуковски.

Според градежниците, на продажбата на становите влијаат повеќе фактори, меѓу кои и енергетската ефикасност.

– Клучна улога имаат атрактивноста на локацијата, квалитетот на становите, нивната асеизмичка стабилност, што само ние ја докажуваме со вештачки земјотрес, енергетската ефикасност, за што имаме сертификати од високата А-класа, како гаранција за долгорочно намалени трошоци за енергија за греење и за ладење, како и функционалноста на домовите, уредената и облагородена околина, на што многу внимаваме. Очекуваме на пазарот на недвижен имот и натаму да расте продажбата на становите и на деловни простории затоа што граѓаните знаат дека вложувањето во купување квалитетен недвижен имот е најсигурна инвестиција и најцврста валута во секое време, со трајна вредност за повеќе генерации – вели проф. д-р Ванчо Чифлиганец, генерален директор на градежната компанија „Адора инженеринг“.

ekonomija169-2

Во пресрет на зимата и на грејната сезона, еве и неколку совети како, освен со енергетски ефикасни градби, да заштедите на сметката за струја и до 2.000 денари.

    • Греењето најмногу тежи на паричникот. Еден од најефикасните начини да се одржи саканата температура е добрата изолација. Тоа, можеби, е скапа инвестиција, но сигурно ќе се исплати во иднина. Дополнителната термоизолација ќе ја намали потрошувачката за 25 до 60 проценти. Исто така, ако се греете на струја, изберете грејно тело со термостат.
    • За да заштедите топла вода, наместете го термостатот на болјерот на температура меѓу 50 и 60 Целзиусови степени. Место да се капете во полна када, туширајте се, бидејќи на тој начин се намалува потрошувачката на вода и на струја. Одвреме-навреме, исчистете го болјерот од бигор бидејќи тој ја зголемува потрошувачката.
    • Машината за перење, обично, троши еден до два киловат-часа, а обично работи три часа. Ако ја вклучувате секој втор ден, месечно ќе потрошите од 45 до 90 киловат-часови. За да заштедите струја во процесот на перење алишта, вклучувајте ја машината по 22 часот.
    • Термостатот на фрижидерот наместете го на три или на пет степени. Избегнувајте да ставате топли тенџериња во близина и редовно чистете го и отстранувајте го ви­шокот мраз.
    • Една рингла на шпоретот троши 1,5 до 1,8 киловат-часови за еден час работа, а греачот во рерната – од два до четири киловат-часа. Садот во кој готвите гледајте да биде иста големина како ринглата и настојувајте да го поклопувате додека готвите. Ако ја користите рерната, термостатот мора да биде на максимум, но избегнувајте често да ја отворате вратата, бидејќи при секое отворање ја намалувате температурата за околу 15 степени.
    • Мијте ги садовите кога машината ќе се наполни, избегнувајте ги циклусите со висока температура (90 степени) и вклучувајте ја по 22 часот, кога е евтина струја.
    • Исклучувајте ги светилките кога излегувате од соба и не трошете електрична енергија залудно.
    • Практикувајте да ги исклучувате електричните уреди од штекер секогаш кога ќе завршите со употреба. Кога не го користите компјутерот, на пример, ставете го во мод на мирување бидејќи, во спротивно, годишно троши и до 1.100 киловат-часови.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 169. број на неделникот „Република“, 27.11.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top