| четврток, 6 декември 2018 |

Каков лидер, таков рејтинг

„Рејтингот на Заев“ делумно изгледа како проблем само на СДСМ и на македонската опозиција. Но, зад рејтингот на Заев се крие и проблемот на целата македонска демократска определба. По враќањето кон насилните стратегии за рушењето на системот и ставањето на сувереноста како влог за политичка позиција, раната што ќе ја остави „заевизмот“ во општеството уште долго ќе треба да се лекува

Рејтингот на Зоран Заев паднал за 30 проценти. За волја на вистината, тој и никогаш не бил голем, па овој пад е повеќе од катастрофа во предизборниот период.

Но, човекот ја испушти шансата уште пред долги години да постави темел за да може неговото име да предизвика некаков сериозен процентуален раст на доверба во политичката кариера. Падот му почна уште како ВД. „Директор“ на СДСМ, откако со метла в раце ѝ се извини на јавноста за, во слободно толкување, злоделата на СДСМ, а потоа јавно беше влечен за уши од Бранко Црвенковски.

Рејтинг не постигна ниту кога повторно беше назначен за прв човек на партијата, па застана спроти, повторно, Црвенковски и го презеде СДСМ, ветувајќи поинаков приод. За тоа како „котирал“ тогаш Заев, веќе и официјално помилуван од Црвенковски, јавно обзнани една од искусните новинарки од „левиот“ медиумски табор, кога и в лице, на почеток на емисија призна дека го сметала за „сељак“ и тоа го споделувала со сега десната негова рака, Радмила Шекеринска.

„Рејтингот на Заев“ е проблем во партијата, и со тоа во целата македонска опозиција која ја предводи, што не можат да го решат ниту искусни волци чии совети денес ги крие СДСМ.

Тој проблем не лежи во „нарачките“, во „застареноста“, или во „сомнителноста“ на агенциите кои го испитуваат јавното мнение, како што сакаат од СДСМ да ги забошотат резултатите од анкетите. Проблемот е во однесувањето на лидерот кој нема лидерски капацитет ниту во партијата, во неговата биографија која е полна со дејства кои навлегуваат во криминалните сфери, но и во неговите настапи што се косат со сите напори на Агенциите за односи со јавност – чие чинење во СДСМ го кријат „како змијата нозете“.

Стратегијата и рејтингот на една партија најчесто се врзува со стратегијата и со рејтингот на лидерот, односно, просто кажано, каков лидер – таква стратегија. Па, кога на чело на македонската опозиција има лидер без визија – џабе е и името на предизборната стратегија.

Не е тешко да се посочат неколкуте грешки на Заев заради кои се топи и неговиот и рејтингот на СДСМ во период кога наближуваат изборите. Тоа што од небо се гледа, не го гледаат само во СДСМ.

 

Лош рејтинг: Историја…

По најавите, со кои, меѓу другото, и ја купи партијата и нејзиното претседателско место, дека ќе воведе нов приод во партијата, која во залезот на бранковото владение беше однародена од народот, Заев не успеа да излезе од неговата сенка. Уште полошо, продолжи со неговата стратегија.

Сето тоа што СДСМ „го срка“ на анкетите, е само резултат на бледата копија на насилното рушење на системот, кое во бранково време се викаше „жешко лето“, по кое следуваше декемвриското насилството на улиците пред Парламентот, кога за влакно беа избегнати и судири меѓу спротивставените граѓани. И тој период и овој сега е прилично ист, и во партијата и тоа што се испраќа како сигнал кон надвор. Насилната стратегија заврши со договори, посредници, анкетни комисии, враќање на опозицијата во Парламентот – и нови избори на кои опозицијата беше нокаутирана.

Црвенковски тогаш го подели СДСМ на подобни и на неподобни, исклучувајќи видни членови заради поинакви ставови, „заевистите“ прво го истераа „скопското крило“ од партијата, расчистија со видни членови од кои нема ниту збор подолго време, а не смее да се заборави и исклучувањето на двете пратенички од СДСМ и на една од ЛДП, само затоа што не сакаа да ја бојкотираат институционалната демократија. Главните „надворешни“ соработници на СДСМ тогаш беа протагонисти со парите на Сорос; а таа слика, пак, воопшто не е променета, дури е и надградена.

Ако целата стратегија на „Бранковиот“ СДСМ беше следење на стратегијата од аферата „Надеж“, стратегијата на „Заевиот“ СДСМ го задржа тој терк. Само го надгради со стратегија од српските експерти чија работа скапо се наплаќа, а за што во СДСМ велат дека немаат договор. Луѓето си доаѓаат редовно, постојат видео и фотоматеријали, но заевистите не признаваат како ги наплатуваат советите. А и тоа е стратегија, бидејќи по ваков пад на рејтингот, сумата за советниците дополнително ќе ги искомплицира меѓучовечките односи во партијата и дополнително ќе ги зоврие негативните.

 

… И сегашност

Тоа, пак, што дополнително го руши рејтингот и на Заев и на СДСМ, а е делумно различно во, условно кажано, двата периода, е тоа што додека Црвенковски се потпре на уништување на демократските вредности на државата, Заев вметна и уништување и на суверенитетот и на уредувањето на државата.

Заев и неговите блиски сопартијци, веројатно, не сметаа дека ќе му биде потребен рејтинг кај јавноста. Воопшто не внимаваше како ќе одекне заговарањето за насилна албанизација и федерализација на државата. Веројатно, воден од засега непознатите „пријатели однадвор“ (за кои испраќаше пораки и до ДПА и од каде што бараше помош за Зоран Верушевски) не мислеше дека ќе влијаат воведувањето паралелизам на системот и обидот за понижувањето на безбедносните сили и на институциите во целост. Со стратегијата на потпирање само врз дипломати однадвор, Заев остава впечаток дека ја предава севкупната сувереност на државата, претворајќи ја во блага форма на протекторат каде што главен збор имаат странските амбасадори.

Притоа, во текот на овие 14-ина месеци, останаа нерасчистени изворите и нарачателите на прислушувањето – главниот „адут“ на Зоран Заев. Неговата вмешаност во случајот „Пуч“, доказите оттаму, писмата кои и самиот ги потврдува, само се надоврзуваат на оваа негова матна стратегија.

Народот тоа го препознава. Богатата историја на внатрешна борба за своја држава вродила инстинкт кај Македонецот кој не дозволува превид во случај некој да се обиде да им ја „парчоса“ државата. Искуството со „зачувувањето“ на државата, симболите, идентитетот, името на државата на Македонците од СДСМ, пак, не остава простор за втора шанса. Особено не по ваков очигледен обид.

 

Народот бара искреност

Тоа, пак, што народот никако не го толерира, е ЛАЖЕЊЕТО. Лагата што ја признава додека свесно лажел на бина, на виолетовата заднина на последните избори, дека ќе биде премиер. Народот го слушна со свои уши дека ги знаел анкетите дека ќе ги загуби изборите. Сега ја повторува истата лага, најавува дека ќе биде премиер. На народот не му треба судска одлука за тоа дали Заев земал мито или не кога со свои очи виде и слушна лично од него како треба да се остави по едно евро „кај бишкарнико“. И сето тоа откако на СДСМ му стана јасно дека на народот не му треба доказ за вината за „Глобал“ откако Заев ја прифати аболицијата. Лагите на Заев и на СДСМ кои ги надминаа и границите на земјата.

Ненаучената лекција се плаќа. Во СДСМ ја плаќаат предолго. Народот повторно ќе им наплати, со верба дека тоа ќе е последен пат. Но, ваквите лекции стануваат сè потешки и со подалекусежни последици. Зад рејтингот на Заев се крие многу потешка задача за државата. Изборите ќе дојдат и ги покажат веќе познатите и доживеани резултати. Раната, пак, која ќе ја остави „заевизмот“ во општеството уште долго ќе треба да се лекува. Еден од тие лекови ќе биде и нов, чист избор на раководство на опозицијата. Но не само како чин дека „се познало илето“.

Во опозицијата има сили кои разбираат дека на демократијата ѝ е неопходна здрава опозиција, со вистински лидер зад чии способности, но пред сè, доблесност и чувство за државност, ќе може да ужива и да гради доверба кај граѓаните. Лидер кој борбата за власт ќе ја разбира како борба на идеи за напредување, а не на штета на сопствениот народ. И пред сè, лидер кој ќе биде доблесен да се извини за сегашните потези, без потоа да дозволи да биде влечен за уши.

Пишува: Наум Стоилковски
(Текст објавен во 169. број на неделникот „Република“, 27.11.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top