Случајно или не, а поверојатно второто, најновата, љубљанска одисеја на спасителот од Муртино следува веднаш по обелоденувањето на српската врска на СДСМ, која вокабуларски и резултатски гледано и не била најљубезна кон лидерот. Следува веднаш по катастрофалното израелско патешествие. Дали сега партијата очајнички бара спас од најавената пропаст во април 2016 година? Три удари ги ничкосаа надежите. Првиот беше токму анкетата на „Република“, следуваше некогаш опозициската „Брима галуп“, а капак стави реномираната ИРИ. По сето ова, познавачите велат – да, дефинитивно, се бара спас за „спасителот“ и за неговото многучедно, корумпирано стадо. Разочарани од лошите резултати на српската агенција, која ги чинеше многу, а во неможност да ја прекинат оваа скапа продажба на магла, челниците појдоа во походот, кој значи и спас на сопствената кожа и слобода со употреба на сите партиски ресурси. Веројатно и на дебелото портмоне на семејството Заеви, кое е и главниот финансиер, факт што неодамна мошне итро го обелодени и самиот неприкосновен лидер.
Рејтингот во Македонија ги соборува сите неславни рекорди, а Заев продава „вистина“ и магла низ Словенија?! А за небулозата да биде уште поголема – во период кога за кусо време има вртоглав, 30-процентен пад на довербата, тој ја „дига“ со посета на најконтроверзниот „институт“ на поранешните југословенски простори?! Во однос на овој „институт“, македонскиот „Рејтинг“ и неговите грешки се мали деца и блага смешка. Зборуваме за т.н. институт, кој знае да погреши и за повеќе од 40 проценти во Босна, има неверојатни грешки во Србија и во Хрватска, а за кој Македонија , сепак, е рекордер во грешките. Пред само пет години истиот тој ИФИМЕС „објави“ трипроцентна разлика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Следната година имавме предвремени парламентарни избори. Колициските пратеници беа во сооднос 56:42, а реално, без „сателитите“, имаа 47 наспрема 29 пратеници или разлика од неверојатни 61 процент во број на парламентарци. Утка на деценијата во споредба со која „победата“ на Пендаровски на „Рејтинг“ изгледа смешна. Но СДСМ виде одличен партнер во нив – конечно, луѓе и „аналитичари“ што ќе му го кажат тоа што сака да го слушне!
Дел од најголемите утки на ИФИМЕС:
- 2004 година: Томислав Николиќ ќе стане претседател на Србија. Победи Борис Тадиќ…
- 2004 година: БиХ ќе ја повлече тужбата во Меѓународниот суд на правдата во Хаг против СЦГ за геноцид. Ништо. И две години подоцна ја лансираа истата теза. Повторно ништо.
- 2006 година: Еден месец пред референдумот за независност на Црна Гора ИФИМЕС објави дека постои таен договор меѓу Подгорица и Коштуница и дека од референдумот нема да биде ништо. Црногорците се отцепија…
- 2008 година: Објавија дека на претседателските избори во Србија Томислав Николиќ е најверојатен победник. И тогаш победи Тадиќ…
- 2008 година: Пред изборите во Србија предвидуваат: „Најверојатно сценарио едека ДСС ќе оди во коалиција со СРС“. Владата ја формираше ДС со партнерите…
- 2010 година: Објави дека разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ Е три проценти. Партијата на Груевски на изборите во 2011 година заврши со 56 пратеници, Црвенковски со 42. Реално, ВМРО-ДПМНЕ без коалициските партии имаше 47 мандати, СДСМ 29. Разлика од 61 процент, а не три проценти како што прогнозираше ИФИМЕС…
- 2015 година: Прогноза: „Иво Јосиповиќ ќе победи на изборите во Хрватска“. Иако тесно, но во вториот круг победи Колинда Грабар-Китановиќ…
Пратеникот Јовчиќ: Фантомска НВО од која ви се гади животот!
Босанскиот пратеник Славко Јовчиќ ,на прашањето што е ИФИМЕС, во едно свое излагање вели дека таа кратенка е настаната од целосниот назив на оваа фантомска невладина организација.
ЈОВЧИЌ: По првиот извештај што ми пристигна на е-пошта, веднаш реагирав и на нивна адреса испратив молба да ме избришат од колективниот список на пратеници и на вработени во Парламентот на БиХ и најучтиво ги молев да не ми ги испраќаат своите памфлети, од кои на секој нормален човек може само да му се згади животот.
За да се разбере за каков т.н. институт се работи, доволно е да се погледне кои се главните ликови во раководството и кои се најбитните членови на организацијата, на кои, очигледно, функциите им се мизерни, па се нарекле и „аналитичари“?! Што е нивната основна задача? За да се даде одговор на ова прашање, не морате многу да се трудите. Нивна задача е да фабрикуваат разни текстови, со кои се, или ќе се дестабилизира политичката, безбедносната и економската состојба на просторите на земјите настанати на урнатините на некогашната заедничка СФРЈ. Во една од своите анализи, „експертите“ на ИФИМЕС прогнозираа дека Милорад Додик ќе заврши во Хаг и ќе биде осуден на децениска казна за сторените воени злосторства? По некоја случајност, доколку Гебелс беше жив и ја прочиташе анализата на овој институт, најверојатно веднаш би се убил, поради тоа што би се уверил дека „збирштината“ од ИФИМЕС ги надминала сите постојни и непостојни лаги, интриги, клевети итн…
Словенечки „Репортер“ ги разобличи намерите на Заев
Заев замина во Словенија со помпезна најава на СДСМ дека оди на средби со државниот врв и со цел да држи предавања за неговите „бомби.“ Никој не ни спомена дека таму е по покана на контроверзниот ИФИМЕС, дадена уште на 1 октомври 2015 година, кога тој беше гост во Скопје? Беше чудно што со Борут Пахор немаше ниту фотографија, туку само празно соопштение, но се „оправда“ со фотографијата со вицепремиерот и лидер на словенечката социјалдемократска партија… Веројатно, извинувањата на Црвенковски до Пахор за вмешувањето во „Надеж“ го направија своето, иако и натаму тој е поранешен прв човек на сестринската партија, а Зоран Талер негов сопартиец. Потеклото на поканата ни го открија словенечките колеги од „Репортер“, еден од најтиражните неделници во државата. Овој пат, во Љубљана немаше македонски новинари ниту од подобните медиуми, кои премногу го измачија лидерот во Израел. Како и да е, во текстот насловен „Левичарот Заев продава ’вистина‘ и во Словенија“, „Репортер“ навлезе во суштината на т.н. социјалдемократија на поранешните југословенските простори, опишувајќи ја како „збирштина“ на партии, кои своите влијанија секаде ги темелат на професорите од општествените факултети и оставината од комунистичките елити. За жал на СДСМ, констатираа и дека со насилни протести се обидоа да ја урнат легитимно избраната влада на ВМРО-ДПМНЕ. Влијателниот политички неделник го опиша Заев како „кариерист“, кој влегол во СДСМ само поради воениот конфликт, кој им дал поттик за победа на изборите. Неделникот не заборави ниту на аферата „Телеком“ во која е вмешан СДСМ, како и на аферата за примен поткуп за која Заев ќе се најде на суд. Словенците потсетија дека токму Заев беше аболиран од неговиот политички ментор Црвенковски, и самиот вмешан во афера поврзана со словенечкиот „Пристоп“.
„Репортер“ нагласува дека институтот ИФИМЕС поради своите происламистички ставови е под опсервација на Словенечката контраразузнавачка безбедносна агенција.
Пандов: Очекувајте нова анкета на ИФИМЕС!
Ниту во еден момент не смееме да ја заборавиме анкетата на угледниот американски институт (ИРИ) и резултатите, кои бевме во можност да ги слушнеме и видиме, вели аналитичарот Александар Пандов, кој во посетата на Заев гледа болна желба на партијата за подобна анкета за СДСМ.
ПАНДОВ: Да потсетам на таа анкета, двете главни прашања што ги засегаат партите и нивните членови се колкав е рејтингот на нивните партии и колкав е рејтингот на нивниот лидер. Резултатот беше ВМРО – 24 проценти, додека СДСМ – 12 проценти. Во делот на лидерите Груевски – 18 проценти, а Заев – 5 проценти доверба од граѓаните. На секој што ги следи изборните процеси во Македонија му е јасно дека тоа е разлика што гарантира апсолутна победа на ВМРО и за тоа прашање не постои дилема, единственото прашање е со колку разлика! Тоа им е јасно и на членовите и на симпатизерите на СДСМ. Јасно му е и на Заев! Но, јасно му е и дека сето ова неговите поддржувачи ги прави уште подепресивни и понемотивирани за каква било партиска акција, а изборите се за пет месеци. Во паника дека нема да може да најде ни пет луѓе што ќе застанат зад него, се решава на потег што и му прилега, да си нарача контраанкета, која ќе покаже дека СДСМ му дише во врат на ВМРО, а Заев ќе го претстави како лидер со најголема доверба. Свесен дека агенцијата „Рејтинг“ на Ѓорѓи Спасов не поминува ни кај неговите најтврди поддржувачи, решил да ангажира странска агенција. Како најизвикана ја наоѓа ИФИМЕС, која слично на „Рејтинг“, прави грешки за одредени прашања и до 40 проценти! Сигурен сум дека во идно време ќе слушнеме анкета на ИФИМЕС со резултати како што ви наведов. Ако земеме предвид дека на македонска политичка сцена единствени поддржувачи му се само уште платениците на Сорос од рангот на Бранко Геровски, Коља Мрак и Саше Политико, секому веќе му е јасно каков бедник е Заев. За жал, ќе мораме да издржиме уште пет месеци пред овој аболиран криминалец македонскиот народ да го испрати во политичката историја, а правосудниот систем во институција што му прилега…
ИФИМЕС објавува резултати по нарачка
Слободна Далмација уште во далечната 2007 година утврди дека ИФИМЕС, односно директорот Аљаф Бахтијар, воопшто и не спроведува истажувања на јавното мислење, туку само ги објавува резултатите според потребата на нарачателот. По овој текст, испратен до сите амбасади, ИФИМЕС престанува да ги објавува анкетите на непостојните истражувања. И реномираниот „Јутарњи лист“ го посочува ИФИМЕС како „компромитиран институт, чиишто тенденциозни анализи никој во регионот не сака да ги пренесува“. Но кој е институтот што го вработува ирачкиот Курд и новинар Бахтијар и Босанецот со словенечка адреса Беќировиќ? Дипломатот со најдобра репутација во поранешна СФРЈ и последен сојузен министер за надворешни работи, член на ОЗНА и на УДБА, Будимир Лончар, за „Слободна Далмација“ вели: „Месиќ од мене бараше да бидам претседател на тоа советодавно тело. Јас тие луѓе од ИФИМЕС не ги познавам, не ни знам што пишуваат. Не добивам никакви пари за тоа и не сум одговорен за нивната работа!“
Соработник на радикални исламски структури ќе прави анкета за СДСМ
Во својот обид да добие поддршка барем од некого, лидерот на СДСМ, Зоран Заев, замина за Словенија, но неговите соработници не го предупредиле дека и таму може да го снајдат проблеми. Еден од луѓето во Институтот ИФИМЕС, кој на Балканот и на Блискиот Исток важи за „институт по нарачка“, се поврзува со радикални исламистички структури за кои работел откако му била исплатена соодветна сума. Целта била јавноста во различни земји од поранешна Југославија со наводните анкети на ИФИМЕС да добие поинаква слика од таа што реално постои.
Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 169. број на неделникот „Република“, 27.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.