| четврток, 6 декември 2018 |

3-ти Декември, Mеѓународен ден на лицата со попреченост

Nermin-Telovska-200

М-р Нермин Теловска, дефектолог-логопед, претседателка на Одборот на логопеди при Сојузот на дефектолози на Република Македонија

 

Меѓународниот ден на лицата со попреченост се празнува од 1992 година кога Генералното собрание на ОН усвои резолуција за одбележување на овој ден, со цел подигање свест и мобилизација на поддршката за вклучување на лицата со попреченост во општеството и развојните програми.

Тема за 2015: Инклузијата е значајна: пристапност и охрабрување на лицата со сите способности

Според Светската здравствена организација, повеќе од една милијарда луѓе, или околу 15% од населението во светот, имаат некој вид на попреченост. Помеѓу 110 милиони и 190 милиони возрасни имаат значителни тешкотии во функционирањето. Стапката на попреченост се зголемува со растот на светската популација, со стареењето на населението и зголемувањето на хроничните здравствени проблеми, понатаму, поради воени и други форми на насилство, несоодветна здравствена заштита, природни и други катастрофи. Лицата со попреченост имаат помал пристап до здравствените услуги и поради тоа потребите за здравствена заштита им се незадоволени. Обединетите нации како и различните здруженија на лица со попреченост, се залагаат за пристапност во областите на транспорт, вработување и образование, како и социјална и политичка партиципација. Правото да учествуваат во јавниот живот е од суштинско значење за демократијата, активното граѓанство и намалувањето на нееднаквостите во општеството.

Добро е да се искористи овој ден за да се идентификуваат добрите практики на нашата земја, кои се во согласност со заложбите на ОН за правата на лицата со попреченост. Република Македонија ја има ратификувано Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност во 2011 година. Целта на оваа Конвенција е унапредување, заштита и обезбедување на целосното и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи на лицата со инвалидност, како и унапредување на почитувањето на нивното вродено достоинство. Лица со инвалидност се оние лица со долготрајни физички, ментални, интелектуални или сетилни нарушувања, кои во интеракција со различни пречки може да ја спречат нивната целосна и ефикасна застапеност во општеството на еднаква основа како и другите.

Дел од позитивните практики на Владата на Република Македонија се огласите за вработување на лицата со попреченост, еден од нив беше огласот за вработување на 300 лица со инвалидност, кои се во најтешка положба. Амбицијата и активностите на Владата во изминатиот период, континуирано одат во правец на подобрување на квалитетот на животот на лицата со попреченост. Воведувањето парични права кои го помагаат нивниот живот, како додаток за мобилност за телесни инвалиди, за слепило за потполно слепите лица, воведување паричен надоместок и за потполно глувите лица, значат голема материјална поддршка за овие лица и нивните семејства. Во јули 2015 година се воведе паричен надомест, односно посебен додаток за сите деца со Даунов синдром, зголемување од 25 проценти на посебниот додаток кој се дава на родители на деца со пречки во развојот, за оние семејства кои се материјално необезбедени и во потешка финансиска положба, како и рефундирање на средствата до 80 проценти за царина и данок и други давачки за набавка на возило за сопствени потреби за лицата со телесен инвалидитет и за потполно слепите лица. Направени се измени на повеќе закони со кои се воведе задолжителна обврска за пристапни патеки, потоа пешачките премини да бидат пристапни за слепите лица и за лицата со инвалидност, станбените и деловните објекти задолжително да бидат прилагодени за овие лица. Се реализираа проекти за обезбедување дополнителни помагала за потполно слепите лица и за лицата со оштетен вид, изградба и отворање дневни центри за згрижување лица со попреченост, воведување нова методологија за проценка на инвалидноста на децата со пречки во развојот со цел детектирање на нивните способности. Седумстотини седумдесет и шест вработени лица во јавната и државната администрација добија сертификати за завршена обука во рамки на Проектот „Достапна администрација за лица со хендикеп“. На ваков начин, се надминуваат бариерите со кои се соочуваат лицата со инвалидност, се олеснува нивната комуникација со државните служби и постапките за остварување на нивните права и обврски што ги имаат во државните и јавните институции. Владата исто така спроведе обуки за толкувачи на знаковниот јазик за потребите на глувите лица. Понатаму, преку програмата за самовработување на лицата со инвалидност, вкупно 360 лица, од кои 120 со инвалидност, креираа сопствен бизнис и дополнителни 240 невработени лица се вработија во новоформираните претпријатија.

Што можете Вие да направите?

Во контактите, обрнете внимание на личноста, не на нејзината попреченост и физичкиот изглед. Лицата со попреченост треба да се третираат исто како и сите други лица. Ако сте работодавач, развивајте политика на еднакви можности во вработувањето. Зградата на работното место треба да е пристапна со пошироки врати, рампи, пристапни тоалети, телекомуникациски и технолошки алатки. Ако сте сопственик на продавница или ресторан, истиот треба да е достапен за купувачите со инвалидност, со рампи, адаптирани тоалети и пристапни лифтови.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top