| четврток, 6 декември 2018 |

Колку чинат продавачите на скапа магла?

СДСМ бегаше од одговор по текстот објавен во неделникот „Република“ каде што се наведува дека партијата во опозиција ги користи услугите на агенција од Србија, која, пак, според пишувањата во соседството, се поврзува со низа сомнителни зделки, како и дека стои зад организација на насилни акции заради евентуална граѓанска непослушност во северниот дел на Косово. Бидејќи прес-службата на партијата не ја удостои редакцијата на „Република“ со одговор на неколкуте уредно поставени прашања, побаравме одговор од првиот човек на пратеничката група

СДСМ користи услуги на српска агенција за односи со јавноста, признава првиот партиски човек во парламентот, Горан Сугаревски. Не е сигурен како точно се вика агенцијата, но знае дека раководството на партијата е задоволно од нејзината работа.

Сугаревски не е првата партиска адреса од која редакцијата на „Република“ побара одговор по сознанијата објавени во минатиот број, а кои се однесуваа на тоа дека партијата добива совети од агенција за чијашто работа во балканската јавност се наведуваат низа сомнителни зделки.

Редакцијата на „Република“, како што прилега на една сериозна медиумска куќа, побара одговор од партиската централа, од прес-центарот на СДСМ.

Но, Социјалдемократскиот сојуз немаше доблест да одговори на пишувањето во „Република“ за тоа чии советодавни услуги користи во создавањето на политиката на терен. Молкот не се однесува само на тоа што е објавено во минатиот број на неделникот, туку нема одговор ниту на уредно поставените прашања од редакцијата до партискиот прес-центар. Во меѓувреме, сепак, СДСМ се занимаваше со „Република“ лиферувајќи беспредметни партиски соопштенија.

Иако во официјалното барање со прашања испратено од „Република“ стои дека одговорите се во интерес на јавноста и дека во насока на слободното и демократско информирање и залагање за отвореност на новинарството за сите теми, од партијата се бара да одговори дали СДСМ оваа година има користено услуги од агенција за односи со јавност од Србија или советувања од лица поврзани со агенција од Србија, како и колку ги чини и начинот на исплата за тие услуги, нема одговор од прес- центарот на СДСМ.

Мора да се спомене и дека во писменото барање е наведен и краен рок за одговор за да може јавноста да биде навремено информирана, тоа, повторно, не е почитувано. Нема ниту писмено извинување за непочитување на наведеното време, или одбивање соработка со редакцијата на „Република“, некаков збор. Изостана каква било реакција.

Не е потребно да се наведува, како што прават некои редакции, дека постојат и се користат алатки што служат за да покажат дека електронската пошта е примена, отворена… Тоа што за јавноста е важно е дека по објавувањето сериозна новинарска анализа во која се открива сомнителна соработка со српска агенција за односи со јавноста, СДСМ нема што да каже.

Прашањето што сега се поставува е кој се обиде да ја крие оваа „белградска врска“? Дали СДСМ се обиде да не биде поврзан со агентите за односи со јавноста, чиешто име фигурира во аферите што ги објавија српските медиуми поврзани со извлекувањето огромни пари од српските министерства, дестабилизацијата на северот на Косово, отворањето на медиумите, сомнителните финансирања…?

Или, пак, српските советници, чијшто џип со белградски регистарски таблички бил паркиран пред седиштето во времето со ноќните несоодветни викотници на српски јазик, ја кријат својата улога и поврзаност со македонската опозиција? Оваа опција не би требало да се отфрла ако се земат предвид безобразните гласни дијалози на српски јазик што се слушале низ соседството, а во кои, според извори на „Република“првиот човек во партијата, Зоран Заев, бил во подредена улога.

„Тие разговори неколкупати завршувале и со силни караници и со викотници во кои на српски јазик се посочувало на ’неспособност‘, како и дека било потребно ’водење интелигентна политика‘. Според сознанијата, Заев бил и прекорен да не се излетува пречесто со изјави, особено затоа што е политичар зад кој се провлекуваат низа афери, пред сè корупциски скандали, што е сериозен недостиг и товар, кој мора да се покрие“, објави „Република“во минатиот број.

Сега, кога е јасно потврдена соработката на СДСМ со агенција од Србија, како што недвосмислено одговори координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, „Република“ јавно го прашува Социјалдемократскиот сојуз на Македонија:

  • Дали СДСМ во текот на оваа година ги користи услугите на агенцијата за односи со јавноста „Раскин и Хант“ (Ruskin & Hunт) од Србија, агенцијата на Иван Бендер и на Милјан Шчекиќ? Дали тие двајца ја имаат советодавната улога во партијата?
  • Колку го чини СДСМ советувањето од странските стручњаци? Дали постои пишан, склучен договор, кој ќе биде објавен?
  • На кој начин се врши исплатата кон советниците и стратезите за односи со јавноста на СДСМ од Македонија и од странство?

tema168-3
tema168-2

За потсетување,„Република“ во минатиот број објави дека повеќе месеци во редовни термини, најмалку еднаш во две недели, тројца луѓе доаѓаат во штабот на СДСМ на средба со раководството. Во „белградската врска“ на СДСМ, според наши извори, клучни биле тројца: Иван Бендер, Милјан Шчекиќ и уште еден познат естраден менаџер. Тие стоеле зад стратегиското дејствување на партијата. Шчекиќ и Беднер во 2009 година ја отвораат агенцијата „Раскин и Хант“ (Ruskin & Hunт), агенција за стратегиско планирање и за активности поврзани со односи со јавноста.

Шчекиќ до 2011 година е и сопственик на фамозната агенција „Артс енд крафтс“, која српските медиуми ја врзуваа во корупцискиот скандал со извлекување државни пари за кампањи, а ја затвора во 2011 година, кога српскиот Совет за борба против корупцијата отвора случај поради афера со исплаќање милионски суми на приватни агенции за маркетинг.

Агенцијата на Шчекиќ работела за српското Министерство за Косово и за Метохија, кога во кус период извлекла 7,8 милиони динари. Овие податоци се обработени во анализите во српските медиуми, како и во извештаите на српскиот Совет за борба против корупцијата. Една од тие анализи е наречена „Продавачи на скапа магла“, каде што се анализира и тоа кој ги контролира српските медиуми.

Случувањата на Косово, додека таму е активна агенцијата на Шчекиќ, многу личат на методите што ги преземаше Заев пред неколку месеци. Од друга страна, и листата на медиумите што лиферуваа неточни информации што одеа на штета на државава, а во време на сериозните моменти низ кои помина Македонија оваа година, се совпаѓа со листата на медиуми во кои имаат влијание агентите за односи со јавноста.

За потсетување, српските медиуми, спроти изборите, анализираа дека повеќе агенции, меѓу кои и „Артс енд крафтс“, се финансираат од „црни пари“. Еден од луѓето што посочува за тоа колку чинат советите, Крешимир Мацан, поранешен советник за односи со јавноста на СДСМ, наведува дека најмалата сума за кампања изнесува барем два милиона евра. Според него, реалните извори и текови на пари се кријат од очите на јавноста, како и дека некои од „скриените советници за односи со јавноста“ не играат само за пари, туку и за идни позиции и проекти.

Во 2007 година, пак, СДСМ плати 340.000 евра народни пари преку кабинетот на тогашниот претседател Бранко Црвенковски на словенечката агенција „Пристоп“ за изработка на стратегија под име „Надеж“ со која место со изборна програма, партијата требаше со притисок и насила да ја преземе власта.

(Текст објавен во 168. број на неделникот Република, 20.11.2015)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top