Куќичките „Warm Hug“ и „Snow Play“ на нашиот ликовен уметник Ване Костуранов, (дел од неговата последна изложба „Улица Љубов“), како мотиви ќе се најдат и на новогодишните честитки, кои годинава ги подготви платформата за активизам, „Лице в лице“.
Ним друштво им прават и минатогодишните мотиви од Костуранов, ,„Snow Ride“, и „Snowing“, како и делата на дизајнерот на „Лице в лице“, Зоран Инадески, насловени, „Winter“, „The Dream of the city“, „New Year is coming“ и „Christmas Love“.
– Најчесто моите слики ја отсликуваат мојата внатрешна состојба, моите чувства. Ведрината и топлината на куќичките на платното се одраз на топлината во мојот дом, особено откако се родија моите две деца. Домот ни е полн со бои и љубов. Очигледно е дека тоа не можам да го скријам во сликите. Најголема радост ми е кога гледам колку многу луѓе се препознаваат во моите слики – вели Ване Костуранов во текст за новиот број на уличното списание „Лице в лице“ кој ќе излезе во средината на декември.
Со новогодишните честитки на „Лице в лице“, кои носат топли и искрени мотиви, читателите на списанието ќе можат да им посакаат најубави желби на своите блиски, на пријателите и на соработниците, но, во исто време и да ги поддржат продавачите на уличното списание.
Половина од продажната цена на честитките ќе биде директно за продавачот од кој е набавена, а останатиот дел ќе биде наменет за програми во кои се вклучени продавачите на „Лице в лице“ и за печатење нови изданија на списанието, кое економски и социјално ги засилува маргинализираните лица.
Честитките чинат 50 денари и можат да се набават на неколку начини – кај продавач на улица, кај продавач што ќе биде поканет во компанија, фирма или организација, како и на електронските адреси: licevlice@public.org.mk иzarmena@public.org.mk, или на телефонските броеви 2 466 444 и 075 271 241, 071 229 196.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.