| четврток, 6 декември 2018 |

Колку појужно, толку повисоки ѕидови

Најавата на германската канцеларка Меркел дека ако нејзината земја го запре влезот на бегалците од Сирија и од Ирак на Балканот може да му се случат нови војни, ни даде јасна претстава за сценаријата во случај на прекин на важноста на шенгенскиот систем и на меѓународната конвенција за правата на бегалците. Меркел предизвика негации од лидерите во регионот за можноста да започне војна, но, во исто време, најголем дел од нив ги активираа плановите за подигање нови ѕидови и ја потврдија опасноста за која зборуваше канцеларката

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Земјата што е симбол и жртва на погрешна употреба на ѕидовите во политиката и во решавање на проблемите, сега може да стане повод за нов процес во кој бетонски, жичени и други видови пречки ќе ги спречуваат жртвите на војната да најдат прибежиште. Германија во ниеден случај не може да биде прогласена за виновна затоа што таа самата за десет месеци прими повеќе бегалци од која било друга европска држава во последниве 60 години, но одговорноста и товарот за ваквиот развој на настаните неминовно ќе падне на официјален Берлин. Во моментот кога стравот од тероризам во Европа се шири со брзина на светлината, воопшто не е важно кој е навистина виновен. Она што е важно е дека започна да се остварува првиот чекор од пророштвото на Меркел, а ниту Германија ниту ЕУ немаат никаков превентивен план за спречување на можните турбуленции.

Верижната реакција започна. Словенија веќе има конкретен план и буџет за изградба на ѕид кон Хрватска. Засега, таа пропушта квота од три илјади бегалци дневно, но оваа бројка наскоро ќе стане премала. Со фреквенција од десетина илјади бегалци дневно, ако Словенија биде упорна во намерите, за еден месец Хрватска ќе се соочи со бројки кои се слични на оние што Македонија го доживеа во 1999 година за време на косовската криза.

Официјален Загреб сигурно нема да седи со скрстени раце и ќе ја блокира границата со Србија, по што српскиот премиер Вучиќ веднаш ќе го блокира Табановце и другите гранични премини со Македонија. Ако не сака да биде најслабата алка, и македонската влада ќе мора да се заштити и да ги обезбеди своите граници на ист начин како што тоа ќе го сторат другите земји, меѓу нив и членки на ЕУ.

kolumna168-2

Границата со ЕУ хендикеп наместо предност

Наместо Македонија да биде во подобра ситуација затоа што се граничи со земја-членка на ЕУ, состојбата е сосема спротивна. За нас е хендикеп што сме соседи со земја која ем нема пари, ем не сака бегалци на своја територија, а во исто време систематски се обидува да пренесе бегалци на македонска територија, без официјално да ги регистрира (ваква тактика користи и Хрватска, која илегално ги носи бегалците кон тајни гранични премини во Словенија). Во обид да се ослободи од нив, Грција се обидува да им помогне на бегалците да влезат во Македонија, за во случај ЕУ да реши да ги почитува правилата од Даблин и да почне да ги враќа бегалците во првата земја на влез во ЕУ, таа да нема обврска да ги прими ако не се уредно регистрирани. И сето ова се случува во време кога Министерството за одбрана во Атина, кое е одговорно за грчките граници, го води човек кој се закани дека ако ЕУ не помогне за надминување на економската криза кон Брисел и кон Париз, ќе пушти еден милион џихадисти.

 

Проклетството и потребата од Меркел

И покрај тоа, нејзината земја не е директно виновна за состојбата во Сирија и во Ирак, каде што немаше испратено германски војници во мировните мисии, и покрај тоа што поради својот човечки став кон бегалците ризикува да го изгуби рејтингот граден цела деценија, и покрај тоа што со своите либерални и храбри политички чекори обезбедува иднина за германската економија која трпи огромен демографски удар, и мака мачи со сѐ посилната радикалната десница и со евроскептиците во својата земја, Меркел на крајот може да ја загуби битката и со тоа да ја врати Европа неколку децении назад. Земете го примерот со Балканот од каде што најдобро се гледа како размислува канцеларката. Меркел е единствениот европски лидер кој сам, без учество на други држави освен на Австрија, презеде конкретна иницијатива и лани во Берлин ги собра земјите од југоисточна Европа на посебен самит во обид да го стабилизира регионот. Иако од него сѐ уште нема некој конкретен резултат, таа покажа дека освен што понекогаш го користи Балканот како средство за остварување цели, таа дома и искрено се залага за надминување на сите политички, безбедносни и интеграциски проблеми во него. Се чини дека дури и оние балкански лидери што до вчера велеа дека е престрога Германка која бара дисциплина од сите и нема смисла за компромис, ќе зажалат ако ѕвездата на Меркел наскоро почне да темнее, по што речиси е сигурно дека регионот ќе остане без никаква заштита со можност да биде целосно изолиран. Колегите и можните наследници на Меркел (Шојбле, Мазиер) во отсуство на визија и соочени со внатрешните предизвици речиси сигурно најпрвин ќе ги затворат вратите за бегалците, а потоа индиректно ќе предизвикаат верижна реакција во која доволно е само еден промил од сите бегалци да имаат терористички потенцијал за да Балканот се претвори во нов хаос.

 

 

Бегалците не смеат да се доживуваат како терористи, но како да се проверат?

Франција е една од западните земји што имаат силни оперативни мрежи во подрачјата каде што се водат борбени дејства во Сирија и во Ирак, односно каде што се водеа или сѐ уште се водат битки меѓу силите на Асад и „Исламската држава“. На списоците на француските и на другите агенти има десетици илјади имиња на луѓе што се борат во редовите на ИД, на фронтот „Ал Нусра“ и на други умерени или помалку умерени воени групи во Сирија.

Скриените разузнавачи што се дел од овие милитантни групи и истовремено работат за своите шефови во Париз, Лондон, Берлин и во други европски главни градови, доколку ги стават на една маса сите податоци и ги поделат со земјите од балканската маршрута, ќе придонесат ниту еден терорист да не може да дојде во ЕУ. Тие би биле фатени уште на првата регистрација во Грција или уште во турските бегалски кампови. Но, ниту Франција ниту другите членки на НАТО (Русија дури по нападите во Париз најави дека ќе ги даде своите информации за радикалните исламисти од ИД) не сакаа да ги поделат своите разузнавачки сознанија со своите колеги. Една од причините за тоа е обидот да се дојде до подобра стартна позиција во поствоена Сирија кога овие луѓе ќе бидат од корист за тој што ќе победи или ќе оствари влијание на теренот.

Веста на најмоќната светска новинска агенција „Ројтерс“ дека еден од осомничените за париските напади имал придружба која го пренела од Турција, Грција, Македонија и Србија на европско тло, а ниту една земја не знае каде се сега луѓето што биле со него, не ги потврдува сите антибегалски сентименти искажани деновиве низ Европа, но прецизно покажува дека нецелосно контролираните бегалските бранови со себе носат голема опасност. Без апсолутна координација на земјите од ЕУ со своите балкански пријатели и во иднина ќе нема гаранции дека некој терорист нема да се протне и да заврши убивајќи невини цивили по европските туристички центри.

kolumna168-3

Блокадата на бегалците можат да ја искористат и локалните радикали

Едно од можните сценарија во регионот, доколку дојде до големи бројки на бегалци коишто ќе мораат да престојуваат во една земја, е нивно врбување од страна на локални радикали и мафијашки групи кои ќе сакаат да ги искористат за свои цели. Оставени без соодветна поддршка, сместени во шатори во зимски услови, желни да го направат последниот чекор кон Европа, дел од бегалците ќе бидат во искушените да преземат и илегални акции доколку тоа значи обезбедување на своите семејства.

Искуството на Германија во која федералните власти предупредија од зголемени активности на радикални исламски групи во бегалските центри, може да биде трипати поопасно на Балканот каде што бегалците ќе бидат во многу полоша ситуација од Германија. Доколку за нив нема иднина и доколку не гледаат шанса да заминат во ЕУ, тогаш не само вистинските терористи, туку и дел од останатите можат да бидат опасност по јавната безбедност во сите земји на балканската маршрута.

Се разбира, во проверките на овие состојби, земјите каде што евентуално тие би заглавиле ќе мораат да ги почитуваат сите права, вклучително и правото на презумција на невиност пред да преземат какви било правни мерки против осомничените за илегални активности.

(Текст објавен во 168. број на неделникот Република, 20.11.2015)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top