| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на фотографии на сакрални објекти и рурална архитектура од велешкиот регион

Во организација на велешкиот Народен музеј и со финансиска поддршка од Министерството за култура и од Општина Велес, вчеравечер, 30 ноември, во Ликовниот салон во Велес беше отворена изложбата на фотографии на сакрални објекти и рурална архитектура во Велешкиот поширок регион во кој се вклучени и општините Чашка и Градско.

izlozbafotografii_1

Изложбата е резултат на увидот на 77 сакрални објекти и рурална архитектура во 77 села во велешко од страна на екипа на Националниот конзерваторски центар од Скопје во изминатите три години. Најголем дел од вредните сакрални објекти кои се документирани и фотографирани се од 19 век,а има и такви од 17 и од 18 век.Од 17 век спосебно се издвојуваат црквите во велешките села:Црквино, Свеќани, Мартолци, Бистрица, Габровник, Убого, Ногаевци, Дреново.

На изложбата на која се претставени 36 сакрални објекти и рурална архитектура од велешко како што ни појасни нејзиниот автор и промотор Дарко Николовски од НКЦ од Скопје е поттикната од фактот за сè поголемата неповратна миграција на населението кон поголемите градови што резултирала со напуштени села односно напуштени домови и сакрални објекти.

– Освен увидот и документирањето на овие објекти кои се и споменици на културата со оваа изложба имаме за цел да се поттикне свеста кај сопствениците на овие вредни објекти, да им се укаже на нивната вредност и истите да се обноват и сочуваат.Но тоа тие да не го прават на своја рака со тоа што уште повеќе ќе ги уништат, а ќе да побараат наша стручна помош за конзервација. Ведно со веќе направената листа на најзагрозени сакрални објекти ние планираме да конкурираме до надлежното Министерство за култура да одобри средтва за нивна итна санација, а со цел да бидат сочувани како вредно културно наследство на Македонија – потенцира Николовски.

За руралната архитектура вториот промотор на изложбата Елица Николова директор на велешкиот Народен музеј, потенцира дека природата, полето, специфичната конфигурација на теренот, водите, зеленилото прават спој со архитектурата.

– За нејзината единствена и неповторлива концепција е заслужна чудесната снаодливост на безимените народни неимари и прекрасниот пејсаж во кој изникнале прекрасните селски населби,кои ние треба да ги сочуваме – потенцира Николова.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top