| четврток, 6 декември 2018 |

Наградуваниот бестселер „Чик“ преведен на македонски

Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје го најавува објавувањето на романот „Чик“ од предвреме починатиот Волфганг Херндорф. Романот е добитник на високи книжевни награди како Наградата за најдобра книга за млади во Германија, потоа наградите „Клеменс-Бретано“ и „Ханс-Фалада“. Само во Германија книгата се има продадено во повеќе од еден милион примероци. Во моментов се снима истиоимениот филм во режија на познатиот германско-турски режисер Фатих Акин. Преводот на македонски е на Душанка Каевска.

ad460204-aef3-46c0-9499-60a99598269e

„Чик“ ја раскажува приказната за пријателството меѓу двајца средношколци. Мике Клингенберг нема пријатели. Тој верува дека тоа е така затоа што е здодевен, што му се увртува во глава кога не добива покана за забавата на годината што ја организира најпопуларната девојка во училиштето. Со оглед на тоа дека мајка му е алкохоличарка што е на рехабилитација, а татко му е на службено патување, на Мике сите денови му се исти. Сè дури едно ново, малку чудно дете со потекло од Русија, не се појави во неговиот дом. Бидејќи немаат што да прават, освен да се здодеваат и да играат видеоигри, Мике и Чик решаваат да одат на патување без дестинација, географска карта или без мобилни телефони. Ќе го погрешат патот, ќе извршат неколку кривични дела и ќе се запознаат со ексцентрични луѓе. Но едно нешто е сигурно: доколку воопшто се вратат, ниеден од нив нема дабиде веќе здодевен.

Романот „Чик“ (2010) цела година котирал на листата на бестселери во Германија. Книгата е објавена со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Волфганг Херндорф (1965-2013) бил германски писател. Студирал ликовна академија. Работел како илустратор. Бил активен блогер и член на националниот фудбалски тим на писатели „Автонама“.

Душанка Каевска е професионална преведувачка. Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, а магистрирала англиска и германска литература во Ахен, Германија. Ги преведувала на македонски Франц Кафка, Херман Брох, Карл Густав Јунг, Тимур Вермеш и други. Живее и работи во Германија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top