| четврток, 6 декември 2018 |

Иванов на 21. Самит за климатски промени КОП21 во Париз

COP21Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска учествува на отворањето на 21. Самит за климатски промени КОП21 во Париз, кој ќе трае до 11 декември. Самитот ќе биде свечено отворен од претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд и Генералниот секретар на ОН, г. Бан Ки Мун.

Иванов ќе се обрати на главната сесија на лидерскиот сегмент на Самитот за климатски промени, а во агендатата на самитот, е и присуството на работниот ручек, кој го приредува претседателот на Француската Република, г. Франсоа Оланд и министерот за надворешни работи на Француската Република, г. Лорен Фабиус.

На Парискиот самит за климатски промени, КОП21, се очекува за првпат по 20 години преговори во ОН, да се усвои правно обврзувачки меѓународен договор за борба против климатските промени, чија цел e глобалното затоплување да не биде поголемо од два Целзиусови степени.

На Самиотот за климатски промени, своето учество го потврдија околу 150 шефови на држави и влади од целиот свет, меѓу кои претседателот на САД, Барак Обама, претседателот на Народна Република Кина, Си Џинпинг, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердогaн, претседателот на Египет, Абдел – Фатах ел-Сиси,  претседателот на Бразил, Дилма Русеф, претседателот на Јужна Африка, Џакоб Зума, премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, германската канцеларка, Ангела Меркел, британскиот премиер, Дејвид Камерон, премиерот на Индија, Нарендра Моди,повеќе претседатели од соседството и регионот, како и високи претставници на ЕУ, ОН и други меѓународни организации.

Република Македонија е земја-потписник на „Рамковната конвенција на ОН за климатски промени“ (УНФЦЦЦ)и на „Протоколот од Кјото“. Воедно, Република Македонија има пристапено кон „Записот од Копенхаген“ и доставено листа на неквантифицирани активности за ублажување на климатските промени.

 

Во пресрет на учеството на претседателот Иванов на конференцијата во Париз, во Кабинетот на македонскиот претседател се одржа Седница на Националниот совет за одржлив развој, на која претседателот Иванов порача дека Република Македонија се залага за усвојување на меѓународен, научно издржан и правно-обврзувачки климатски договор, што ќе биде применлив за сите земји, односно договор кој ќе содржи конкретни активности за ублажување на последиците од климатските промени и адаптација кон климатските промени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top