| четврток, 6 декември 2018 |

Србите вознемирени од најавената декларација за „заштита на правата на Војводина“

Српската напредна странка ги повика сите граѓани на Војводина на протест пред зградата на владата во Нови Сад против најавената декларација за заштита на уставните и законски права на автономната покраина Војводина.

– СНС ќе се придружи на протестот организиран по повод најавеното усвојување на Декларацијата за таканаречената „заштита на Војводина“ и сепаратистичката политика на премиерот Бојан Пајтиќ во моменти кога државниот врв се обидува да најде најдобро можно решение за да се зачува територијалниот интегритет и да се зачуваат Косово и Метохија – се вели во соопштението на владејачката српска партија.

Премиерот на Војводина, Бојан Пајтиќ, пред неколку дена најави дека Владата ќе достави до Собранието декларација за правата на покраината. Во декларацијата се вели:

– Автономијата на Војводина е историско и природно право на нејзините граѓани и со нивна волја Војводина е составен дел на Србија. Во тој дух, автономијата на Војводина е уредена со Уставот на Србија и обезбедено право на различност, при што се подразбира децентрализација на власта, поделба на надлежноста и самостојно уредување на одредени работи од интерес на граѓаните на покраината – пишува во предлог-декларацијата.

Во декларацијата, исто така, се оценува дека во практика се нарушени претходно стекнатите права на Војводина, што е незабележано во модерната европска историја. Работите излегле од колосек кон крајот на 2012 година, а биле поврзани со уредувањето со финансирањето на Војводина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top