| четврток, 6 декември 2018 |

Црвен аларм за БиХ: Сè повеќе растат вахабизмот и радикалниот исламизам

Сè повеќе се засилува идеологијата на вахабизмот и на радикалниот исламизам во најмалку 28, главно селски населби во БиХ, објави порталот на бањалучкиот весник „Независне новине“.

vahabisti

Овој бањалучки дневен весник, како што тврди, го има списокот со локации од кој е видливо дека радикалните исламисти свое засолниште нашле во 17 општини, и тоа во шест кантони.

Најмногу такви населби денеска има во зеничко-добојскиот кантон (ЗДК), каде што потенцијална опасност е означена во дури 14 села и градски предградија, и тоа на подрачјето на Зеница, Жепча, Завидовиќ, Маглај и Тешањ.

Меѓу евидентираните точки во ЗДК се наоѓаат и такви што од порано се познатите меѓу вахабистите. Шеричи, кај Зеница, како и селото Горња Бочиња, кај Маглај, па и Ошве, кое пред неколку месеци го етикетираа како расадник на џихадисти, од кое и старите и младите заминуваат да се борат за Исламска држава.

Во тузланскиот кантон (ТК) селефитите живеат во одделни населби на подрачјето на општините Грачаница, Калесија, Живинице и Сребреник, на која му припаѓа и Горња Маоча, најозлогласеното вахабистичко гнездо во БиХ, во кое не толклу одамна се виореше и знамето на суровата терористичка организација.

Луѓето, чијшто начин на живот е со децении оддалечен од 21 век се населени и во три села во УСК, и тоа кај Цазин, Бихаќ и Велика Кладуша, кај која се наоѓа и Босанска Бојна, каде, како што некои тврдат, имот си купиле Билал Босниќ, кој неодамна беше осуден на седум години затвор, како и повеќе негови следбеници.

Кога станува збор за среднобосанскиот кантон, алармот се крева над едно село и две мали селца кај Травник и Доњи Вакуф, вклучувајќи го и Мехуриќи, кои пред неколку години беа споменувани како локации во кои радикалните исламисти се обучуваат за ракување со оружје.

Во сличен контекст се споменува и босанскоподрињскиот кантон, односно местото Биволице, кај Горажде, кое претходно беше подвлечено како погодно за формирање вахабистичка заедница, како онаа во Горња Маоча.

Работа, барем кога станува збор за превенцијата, за полициските агенции има и на подрачјето на сараевските општини Хаџиџи и Илиџа, вклучувајќи ја и населбата Заклопача, каде, како што тоа пред неколку дена протече во јавноста, престојувале и осудени терористи, сириски доброволци, па и предавачи на ИД.

Експертите оценуваат дека не смее да се потцени опасноста што демне од ставовите и од намерите на дел од вахабистите во земјата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top