| четврток, 6 декември 2018 |

Грција ја обвини Македонија за „произволно филтрирање“ емигранти и бегалци

„Произволно филтрирање“ емигранти и бегалци, кои се обидуваат да влезат во Европа, е спротивно на принципите на Европската унија, изјавил грчкиот заменик-министер за цивилна заштита Никос Тоскас за АФП.
Грчките медиуми ја пренесуваат оваа изјава на Тоскас, која „главно се однесува на ситуацијата во Идомени“ на границата меѓу Грција и Македонија каде што „стотици мигранти од Ирак, Сомалија, Пакистан и Бангладеш веќе една недела се блокирани бидејќи Скопје на своја територија пушта само државјани на Сирија, Ирак и на Авганистан“.- Своеволни дејства на одредени земји, изградба на огради што го спречуваат движењето на овие луѓе, не е во согласност со принципите на Европа. Не можеме да ги спречиме луѓето што во тешки услови пристигнуваат по море до грчките острови – рекол Тоскас.

Според грчкиот министер, прашањето треба да се третира поинаку, со решавање на проблемите во земјите во близина на воените зони, кои предизвикуваат миграциски текови. Тој ја повика ЕУ да одлучи кој може да доаѓа во Европа, истакнувајќи дека е против „затворање на границите“.

Тоскас нагласил дека Грција не може да ги прими сите бегалци, вклучувајќи ги и тие што не доаѓаат од конфликтните зони.

– Се согласувам да се вратат мигрантите во земјите кои не се во војна, но прво треба да се склучи договор со тие земји – изјавил грчкиот заменик министер за цивилна заштита.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top