| четврток, 6 декември 2018 |

Изложба на „Фејсбутик” на Урош Вељковиќ

Во Отвореното графичко студио при Музеј на град Скопје вечер во 20 часот ќе биде отворена изложба на Урош Вељковиќ насловена „Фејсбутик”.

Носечка тема во проектот на Вељковиќ е феноменот на социјалната мрежа Фејсбук и промените коишто оваа платформа, којашто сè повеќе се претвора во медиум, ги донесе не само во комуникациските односи, туку, пред сè, во катадневието на многумина, и воведе можности на присуство и учество на голем број субјекти во еден дел од јавниот простор. ­

facebootik

Токму оваа ситуација е Критиката која Вељковиќ ја упатува кон лесното прифаќање, а со тоа и на поддршката на новата, дискретно наметната, можност корисникот да си го објави или создаде сопствениот идентитет и, при тоа, да го менува според сопственото расположение, состојба, намера, желба, е критика којашто темелно задира во тековната сегашност, во тековното време. Во основа, тој ја преповторува суштината на самата платформа: забавноста/ забавата и безодговорноста се иронизираат со атмосферата на „бутик“: бутик [boutique] на можни лица [faceѕ], можност за избор на лице кое одговара и кое ќе прикаже нешто друго, нешто ново, нешто различно или најточно – нешто постојано друго, нешто постојано ново, нешто постојано (привидно) различно, вели организаторот. Вељковиќ, се посочува, отвора една цела серија сериозни прашања, за менливоста и минливоста на идентитетноста, не само на платформата Фејсбук, туку и во тековната ризоматска сегашност на општественоста која веќе одамна го има напуштено системот на стабилните структури и која сè повеќе убедува во нужноста од постојаното движење и менување, неисклучувајќи ја тука и афирмативноста/афирмирањето на (заради менливоста и минливоста) нестабилните идентитети. ­

Оттука, Вељковиќ упатува порака дека само времето на нестабилни идентитети може да создаде платформа за нестабилни идентитети. И при тоа, тој, преку иронијата и пародијата, со децидната и недвосмислена критика на таквото време, не само што ни остава нам да решиме дали да ја прифатиме или отфрлиме таквата состојба и манипулација, туку настојува подлабоко и покритички да го обмислиме тоа и такво време и – да го отфрлиме. Отфрлајќи го, пред нас се отвора можност за создавање на некое друго и поинакво време, време во кое нашите идентитети ќе бидат израз и исказ на нашиот сопствен, внатрешен и вистински, а не посредуван и со тоа лажен -Ид, се посочува во постановката.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top