| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија на светската музичка мапа

По брилијантните настапи во Охрид, Париз, Гент и Детроит, македонскиот гениј, музичарот, композитор и диригент Емин Џијан, заедно со детроитскиот диџеј Дерик Меј, а во организација на продуцентската куќа „Излет мјузик“, чиј сопственик е Огнен Узуновски, на 28 (сабота) ќе настапуваат во концертната сала, Акрополис во Ница, Франција. Настапуваат во рамките на фестивалот за современа музика „Ова не е класика” заедно со Симфонискиот Оркестар на Кан. Оваа концертна сала е позната по својата акустика и дизајн. Во програмскиот дел нема да има промени. Како и на досегашните концерти, ќе биде изведувана електронска музија, која ја потпишува Меј, а за која аранжмани има направено нашиот Џијан. На концертот покрај Маријана Николовска на челеста, како солист на пијано ќе настапи и Ема Потевска. Во техничкиот дел останува истата екипа: Бојан Угриновски како тон мајстор и Игор Иванов Изи светло мајстор и визуелни ефекти. Како дообјаснување за тежината на фестивалот, во првата фестивалска вечер ќе настапи светски познатиот пијанист Борис Березовски со Филхармонискиот Оркестар на Ница.

Во пресрет на концертот во Ница Џијан вели:

„Овие искуства се драгоцени и ретки. Добро е чувството кога се изведува музика, која ти си ја напишал, со врвен оркестар, на светски фестивал, пред многу луѓе. Сето ова ми изгледа како некој брз курс од кој морам брзо да научам многу за следниот проект да биде уште подобар. Инспирацијата е најголемата придобивка од сите овие настапи, бидејќи знаеш дека она што си го направил не било за џабе и сакаш да правиш ново кое ќе биде поуспешно на повеќе нивоа. Мојата задача е да ги координирам сите сегменти од настапот. Покрај техничкиот дел на концертот треба да го подготвам оркестарот за концертот. Иако музиката е во основа минималистичка и репетитивна има делници, кои бараат навистина солистички ангажман. Досега сум имал среќа секогаш да имам пред мене извонредни музичари, кои си ја сакаат работата и немало проблеми со изведбата, а кога ќе почне концертот ја давам целата моја енергија и фокус на музичарите. Тие се главните протагонисти на шоуто. Јас уживам и играм“.

Овие креативци ги соединија талентите и веќе ја освоија Европа и Америка, а во најава е и голем концерт во Австралија. Досегашните изведби во Детроит, Париз и Гент беа под уставното име на Република Македонија, такви ќе бидат и престојните изведби. Во јануари ќе настапуваат во Мелбурн, Австралија. На овој концерт покрај Дерик Меј ќе настапи и инспиратиниот Џеф Милс. Организаторите најавуваат дека овој концерт ќе биде историски момент, не само за Македонија, туку и за светската музичка сцена.

 

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top