Прв, па „машки“ концерт за Тамара Тодевска. Пејачката на 27 ноември, во петок, ќе ги собере на една сцена своите музички пријатели и соработници, а во една сала својата верна публика. Во „Борис Трајковски“ ќе се пее најдоброто од неа од овие 15 години. Како што самата најдобро кажа – Кога ќе се соберат толку многу убави души на едно место, сешто може да се случи!
Прв солистички концерт по 15 години. И тоа не се, како во многу случаи, празни години, туку напротив, ти си една од најплодните македонски пејачки. Зошто чекаше досега?
Тодевска: Чекав… Хм, па, може да се нарече чекање, затоа што јас сакав да биде совршено! Еве, да ја земеме за пример една Адел, која е маестрален вокал! Таа стапи на сцената 2006 година, пред четири години настапи на „Британските награди“ и по тој настап како експлозија одекна сѐ одеднаш, па потоа дојдоа концерти, турнеи и слично… Поентата ми е, сакав да се крчка на тивко, за да се добие она финалното што ќе ви биде претставено на 27 ноември!
Публиката те познава како оригинална, посебна, своја. Тоа се очекува и од концертот – нешто поинакво. Што ќе биде она специфичното и различното по кое ќе се памети и зборува концертот на Тамара?
Тодевска: Специфично ќе биде тоа што многу убави енергии ќе се спојат на едно место! Кога ќе се соберат толку многу убави души на едно место, сешто може да се случи! Ќе се забавуваме, ќе играме, па и по некоја солза ќе капне, баш како во еден живот.
Имаше кратка пауза кога те немаше на сцената, некаде по настапот со Врчак и Гаџа на „Евровизија“, но подоцна се врати и растури. Соработките со Билбилов и со Џамбазов те закотвија на врвот на топ-листите, но на второ место по фестивалите. Те нервираше тоа?
Тодевска: Воопшто! Па, подобро ми е да бидам втора, а моите песни и ден-денес да се вртат по ТВ и по радиоканалите, и да бидат толку споделувани на социјалните мрежи, отколку да бидам прва, и таа песна да замре и да се заборави…
Беше дел од ревијалниот дел на Скопскиот фестивал. Значи ли тоа дека нема веќе да се натпреваруваш и да пробаш да го освоиш тоа прво место?
Тодевска: Ако имам добра песна и ако сите играат фер плеј, со задоволство ќе се појавам! Јас и онака го имам добиено првото место, а тоа е од моите обожаватели! Мене ми е драго што тие ги чуваат моите песни во мобилните телефони и ги слушаат додека одат на училиште, на прошетки, на забави! Најбитно од сѐ е тоа дека преку моите песни им будам на луѓето некоја емоција, им давам надеж, ги развеселувам, им порачувам да бидат свои и таков фидбек и добивам!
Ова беше твоја година. Колку си задоволна од албумот? Беше баш како што очекуваш или?
Тодевска: Кога станува збор за албумот, можам да кажам дека е совршено дело! На сите детали се работеше и се снимаше долго време! На самиот крај излезе еден квалитетен носач на звук, кој верувам дека ќе се слуша со години! А кога сме кај тоа дали оваа година беше моја, па чекајте малку, до крајот на годината имаме уште еден месец, сѐ може да се случи! (се смее)
Прва асоцијација на тебе за Џамбазов е спиењето. Вели, легнува во 5 часот наутро кога надвор е темница и се буди во темница, во 6 часот попладне. Се смени ли тоа после мажачката? Или подобро, што се смени кај тебе откако стана госпоѓа?
Тодевска: Точно е дека сум голема спанка, обожавам да спијам, но тоа не го правам зашто сум разгалена или не знам што. Знаете, ние што се занимавме со оваа работа, знаеме да останеме во студио и до 7 часот наутро, некогаш се случува да не спијам и по 20 часа, кога имам снимање на некој спот. Напорно е, а мене ми треба одмор, ама кој да ме сфати. (се смее)
Кога го договаравме ова интервју, побаравме помош баш од Џамбазов. Тој ни рече дека полесно би го договорил Путин, па дури и ни го „договори“, хотел „Карпош“ во 12 часот. Зошто избегнуваш да даваш изјави за медиумите?
Тодевска: Тоа не е моја вина, кога добриот новинар сака да добие некоја приказна и да договори некого, наоѓа каков било начин за да го направи тоа! Ако не му успева, тоа значи дека не е за таа работа! Кога немам нешто да кажам за некоја моја нова песна, музички спот или за некој проект, немам потреба да се појавувам и да правам муабет дали некому му прилега да носи црна кошула со бело сако и слични работи! Мислам дека се разбравме!
Од друга страна, ретко кога реагираш ако некој пишал некоја шпекулација или невистина за тебе. Но, кога ќе се налутиш, дознаваат сите. Многумина од македонската публика уште ти држат за зло што пред настапот на Тијана на „Евровизија“ малку остро реагираше на „Фејсбук“. Што те изнервира толку?
Тодевска: За првиот дел од прашањето ќе ти кажам само дека „во шоу-бизнисот нема лоша реклама“. Колку што е поголема фотографијата во весникот толку подобро, и така никој не посветува многу внимание на текстот. А за вториов дел не би сакала ама баш ништо да искоментирам, фала!
Сите што те познаваат или пак требало да соработуваат со тебе, најцврсто се согласуваат во една работа – дека доцниш. Кој ти изреагирал најлошо поради оваа твоја, нема да ја речеме навика, зашто веќе е карактеристика?
Тодевска: Не знам дали ова беше интервју или некоја дисциплинска мерка кај професор зашто спијам или пак зашто доцнам. Секоја приказна има две страни!
Но, исто така, сите се согласуваат дека кога нешто сакаш, за тебе нема граници. Силна, енергична, единствена. Мислиш ли дека мајчинството ќе те потсмири или напротив, ќе ти даде дополнителна енергија и ќе го разбуди, можеби, подзаспаното дете во тебе?
Тодевска: Детево во мене не спие и никогаш нема да се успие! Кога нешто работам, го давам максимумот за да изгледа тоа на крај баш онака како што сум го замислила на почетокот!
Разговараше: Марина Костовска
(Текст објавен во 168. број на неделникот „Република“, 20.11.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.