| четврток, 6 декември 2018 |

Роднините на обвинетите во „Монструм“ не се сеќавале на ништо за кобниот ден

monstrum
На денешното рочиште од судскиот процес „Монструм“ изјави пред судијата и јавниот обвинител дадоа роднините на обвинетите, а на следното, според одбраната, за сведоци ќе бидат повикани министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиевски, градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски, и пеjачот Елвир Мекиќ, јави дописникот на „Нетпрес“, кој го следел судењето.
Пред судот денеска изјава даде братот на обвинетиот Фејзи Азири, Фекри Азири,  кој раскажа дека на кобниот ден, 12 април 2012 година, во шест часот утрото заедно со неговите браќа Фејзи и Јусуфи заминале на фармата во Белимбегово, каде што одгледувале овци.
Во текот на денот Фејзи заминал од фармата и околу 18 часот се вратил во фармата и таму биле до 21 часот. Сведокот заедно со другиот брат си заминале околу 21 часот, додека Фејзи се подготвувал да си оди, заминал сам, но сведокот не знаеше да каже каде точно.
Фекри Азири му е вујко на првообвинетиот Алил Демири и чичко на обвинетиот Хаки Азири. За другите обвинети, Африм и Алил Исмаиловиќ и Рами Сејди, рече дека не ги познава. Но по неколкучасовно испрашување, на прашање на судијата, Фекри рече дека го знае чичкото на Рами Сејди, а Сејди го знаел од телевизијата.
Сведокот детално го опиша кобниот ден, иако, на прашањата на судијата, не можеше да се сети што правел на денови пред и по убиството, но рече дека се сеќава на тој ден бидејќи тогаш слушал за страшното убиство.
Адвокатот  на обвинетиот Хаки Азири, Асмир Алиспахиќ, изјави дека пејачот Елвир ќе биде повикан бидејќи на местото на убиството снимал спот, градоначалникот Стојановски зотоа што бил во општината кога се делеле лиценци за градба, а министерот Јанакиевски бидејќи лично му ја дал лиценцата за легализација на обвинтетиот Фејзи Азири.
Прво- и второобвинетиот Алил Демири и Африм Исмаиловиќ сѐ уште се во Косово. Нивниот адвокатт вчера бил да ги посети, но не сакаше да каже за што разговарале, само потврди дека се чека нивна екстрадиција.
– Колку што ми е познато Насер Рауфи вчера бил во посета, ние знаеме дека документите се предадени во Косово и се чека одговор на косовските власти за нивна екстрадиција – рече Алиспахиќ.
Масакрот беше извршен на 12 април минатата година кога со автоматски пушки и пиштоли на брегот од езерото беа убиени Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќески и Борче Стефановски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top